Доколку и во моментите кога нема реална причина вие се чувствувате нерасположено, не сте заинтересирани за работите кои нормално ве прават среќни, доколку имате проблеми со спиењето и концентрацијата, имате намален апетит и ви се јавуваат самоубиствени мисли, тогаш вие страдате од депресија.
Се смета дека депресијата е честа појава која се јавува кај едно од пет лица, а жените се двојно повеќе склони кон неа (поради честите промени на нивоата на хормоните). Најчесто не се третира правилно бидејќи луѓето не знаат дека тоа е всушност депресија и не бараат стручна помош. Затоа од голема важност е реално да погледнете на вашата моментална состојба и да процените дали има потреба да поразговарате за вашата состојба со стручно лице.
Депресија се рефлектира различно
Депресијата е комплексна болест која влијае на вашето тело, мисли и расположение. Покрај тоа има влијание и врз секојдневни обврски, чувства, социјалниот живот, односите со семејството и партнерот, работата.
Депресијата различно се рефлектира кај мажите и кај жените. Мажите имаат различни техники на справување со оваа состојба за разлика од жените. Исто како жените, депресивните мажи не се исполнети од активностите во кои до вчера уживале и постојано се тажни и несреќни.
Симптоми на депресија
постојана тага и нерасположеност
бегање од реалноста
испади на агресивно однесување
чувство на бес без причина
чувство на беспомошност и безвредност
губење интерес за секојдневни активности
намалување на апетит и енергија
појава на несоница
појава на болки
зависност од алкохол
Најчести причини за депресија
Кај жените најчеста причина за појава на депресија се смета промената на нивото на хормоните, а најчесто се јавува во репродуктивната возраст. Овие промени најчесто се забележуваат во пубертетот, бременоста, за време на менопауза. Други причини за појава на депресија е загубата на блиска личност, зголемен број обврски во домот и на работното место, семејно насилство или, пак, наследен фактор.
Побарајте помош од стручни лица
Најчесто луѓето не ги препознаваат или признаваат симптомите на депресија, односно сметаат дека се работи за моментална слабост, со што се обидуваат да не ѝ дадат посебно значење на оваа состојба. Поради тоа, тие ретко бараат помош од лекар.
Доколку оваа состојба не се третира навреме, таа може само да се влошува, па дури и да излезе од контрола. Депресијата влијае на вас и на луѓето околу вас. Таа може да предизвика проблеми врз многу аспекти од вашиот живот, како што се здравјето, кариерата, односите со луѓето, како и личната безбедност. Депресијата дури и кога е во најнапредна фаза, може да се подобри со лекови или со психолошки совети (психотерапија), затоа не трудете се самите да ја лекувате.
Неколку совети против депресија
Сепак, повторно се препорачува консултација со лекар бидејќи тој ќе ви наведе неколку здрави техники за справување со депресијата.
Поставете си цели и приоритети
Побарајте поддршка од член од семејството или блиски пријатели
Бидете активни и уживајте во работите кои најмногу сакате да ги правите. Вежбајте, гледајте филмови, спортувајте, занимавајте со со хоби во слободното време
Потрудете се да не носите сериозни одлуки кои би можеле да ви го сменат животот, како што е менување на работното место сѐ додека не ви се подобри состојбата
На крајот, медицината ви нуди разни третмани за депресија, затоа не трудете се самите да се излекувате од оваа состојба бидејќи последиците можат да бидат сериозни.