Една од најпопуларните песни од СФРЈ за малку немало да биде објавена

 

Пејачката Александра Ковач открива како настанала легендарната љубовна песна на Здравко Чолиќ „Ти си ми у крви“, која е една од најпознатите и безвременски песни низ целиот Балкан.

Нејзиниот татко е заслужен за многу хитови од поранешните Југословенски простори, од песните на Чолиќ и Бајага, до Индекси и многу други. Сепак, една од најубавите љубовни песни ги напишала неговата покојна сопруга Споменка Ковач.

Нивната ќерка Александра открила како настанала магичната „Ти си ми у крви“.

– Имам приказна, што ми ја раскажа мојот татко. Имено, мајка ми во тој момент кога ја пишувала песната не била популарен автор, била само сопруга на познат автор. Здравко не бил воодушевен со идејата таа да пишува текст за негова песна, сметал дека тоа можеби треба да биде некој посериозен и веќе докажан текстописец. Тогаш татко ми му рекол: „Знаеш, дај и шанса на Споменка. Ако мислиш дека и треба помош, нека и помогне Бајага околу текстот“, ја започнува Александра својата приказна.

Немал доверба, но и дозволил да се обиде. За среќа, Бајага работел на остатокот од албумот, па ја понудил својата помош.

– Тогаш Бајага и мама се поврзаа, разговараа цело едно попладне и од тоа не излезе ништо. Бајага и рече дека не и треба никаква помош и таа самата го напиша текстот на „Ти си ми у крви“. Но, ете, интересно е што и покрај сиот скептицизам, таа напиша еден антологиски текст, раскажува пејачката.

- Реклама -