Еден рецепт, седум различни јадења: Слатки и солени палачинки на нови начини

Ви подготвивме мноштво идеи како да го подготвите овој десерт на оригинален начин, а на вас останува да изберете за кој од нив ќе се одлучите.

Знаете ли некој кој не сака палачинки?

Рајската, мека текстура на овие слатки никогаш не може да здодее, особено доколку ги подговите на различни начини. Со оглед на тоа што тестото е прилично универзално, може да се користи за подготовка како на слатки, така и на солени палачинки, внесете фантазија и креативност и воодушевете ги вашите најблиски со овој вкусен рецепт.

Рецепт за основата – тесто за палачинки:

500 г. брашно промешајте го со малку сол и шеќер, па додадете 4 јајца и 5 лажици масло. Соединете, па разредете со околу 600 мл. топла вода или млеко ( може и пола пола).

Кога го измешавте тестото, започнете да експериментирате – за вас подготвивме неколку идеи, за подготовка на палачинките на оригинален начин. На вас останува изборот дали сакате благи или солени?

1. Ролни со риба и зеленчук

1

Ова декоративно, но многу вкусно предјадење се подготвува едноставно – во чинија измешајте парчиња лосос, сецкан лук и сецкана варена боранија ( по желба). Додадете павлака за да ја соедините смесата, нафилувајте и свиткајте, а потоа сечете како ролат. Доколку сакате посна варијанта, павлаката заменете ја со соја сос и замесете тесто без јајца и млеко.

2. Руска палачинка

2

Парчињата пилешко зачинете ги со вегета и испржете со малку маслиново масло. Во малку вода изматете супа од печурки, па додадете 250 мл. павлака за готвење, што претходно сте ја загреале. Измешајте, па додадете парчиња пилешко. Претходно испечената палачинка нафилувајте ја со сос ( не ставајте месо). замотајте ја четвртасто, па послужете ја со парче месо. Посипете ја со сецкан магдонос и уживајте во оброкот.

3. Солен ролат со палачинки

3

Зошто секое јадење да личи едно на друго? Секоја палачинка намачкајте ја со фил од мешано сирење и павлака, па прекријте ја со сецкана шунка, краставички и јајца. Замотајте, па исечете на кришки како ролат. Иновативното предјадење послужете го со зелена салата и свеж домат.

4. Ролни од палачинки со чери домати

4

Ќе го воодушевите гостите и домашните со симпатични солени палачинки во омиленото тесто. На палачинките наредете ливчиња шунка, намачкајте ја со павлака, посипете босилок, а на работ наредете чери домати. Кога ќе се замота, доматот ќе дојде точно на средината и ќе добиете вкусно декоративно предјадење.

5. Палачинки со чоколадни бананчиња

5

Признајте, идејата е феноменална. Подгответе фил: 800 мл. млеко загрејте до вриење, а во меѓувреме во 200 мл. млеко растопете 8 лажици шеќер и 12 лажици густин. Додадете во зовриеното млеко и гответе неколку минути додека не се згусне. Изладете, па додадете 200 г. изматен маргарин. Добро оладете, па намачкајте ги со фил, а на една страна наредете крем банани. Замотајте, а одозгора украсете со чоколадо растопено во слатка павлака.

6. Чоколадни торбички со портокал

6

Замесете вообичаено тесто за палачинки, само додадете две лажички какао. Испечете, па на средината на палачинката, ставете полна лажичка еурокрем и неколку парчиња сецкан портокал. Соберете ја палачинката во облик на торбичка, па врзете ја со лента од кора од портоакл. Овој десерт ќе го паметат сите.

7. Овошна палачинка

7

Разубавете ги едноставните палачинки со овошје. Испечете ги, намачкајте ги со мармалад по желба, па додадете парчиња од овошје кое одговара. На пример, за мармалад од кајсии, палачинките послужете ги со парче од ова вкусно овошје. За подобар вкус, украсете го десертот со топено чоколадо.

- Реклама -