Сите три концерти на мегаѕвездата Тејлор Свифт што требаше да се одржат во Виена се откажани, откако полицијата уапси две лица осомничени за планирање напади. Едното лице, 19-годишник, како што објавуваат австриските медиуми е со потекло од Македонија. Се трага по уште три лица.
Генералниот директор за јавна безбедност при австриското МВР, Франц Руф, го опиша 19-годишниот уапсен во Терниц како „непосреден главен сторител“, додека второто уапсено лице е 17-годишник, пренесува Австриската новинска агенција – АПА.
При вчерашниот претрес на куќа запленети се повеќе хемиски супстанци и технички средства. Тие сега ќе се оценуваат. Според Руф, пред само неколку недели, осомничениот дал заклетва за лојалност кон актуелниот водач на терористичката Исламска држава на Интернет.
-Двајцата уапсени се родени во Австрија, родителите на 19-годишникот имаат корени од Северна Македонија, а мајката на 17-годишната е Австријка, изјави генералниот директор за јавна безбедност Руф.
Апсењата на двајцата, според Руф „ја минимизираа заканата за оваа мала група“, а откажувањето на концертите на Тејлор Свифт беше „одлука и одговорност на организаторите“.
Руф потврдува дека имале дојава од странски служби, по што била спроведена истрага во комбинација со сознанијата на австриската разузнавачка служба.
Второто апсење, според австриските медиуми, е извршено вчера попладне во Виена, но се уште нема информации за осомничениот.
Основниот мотив на осомничениот за тероризам, чија цел бил еден од концертите на мегаѕвездата Телјор Свифт во Виена, било убивање на што е можно повеќе луѓе, објави денеска австрискиот весник „Кронен цајтунг“.
-Очигледно 19-годишникот сакал да направи експлозив и за таа цел земал хемикалии од своето работно место, наведува весникот, додвајќи дека 19-годишникот бил со потекло од Северна Македонија.
Масата обожаватели била цел, а не самата Тејлор Свифт, изјави извор од истрагата за весникот. Според весникот, напад со експлозиви за да се предизвика што поголема штета – тоа веројатно бил планот на осомничениот за тероризам.