ДЗС: Проблемите во попишувањето не биле поради интернет конекцијата туку „нормални проблеми“ при поголем број паралелни сесии

Државниот завод за статистика информира дека спорадичните и локациски изолирани проблеми кои денеска во претпладневните часови се појавија при процесот на попишување на населението на терен – се успешно остранети. Од ДЗС велат дека препреките не се должеле на паѓање на интеретот, туку најверојатно на поголемиот број сесии што се одвивале истовремено.

„Во кратки периоди и на одредени локации апликацијата за попишување не функционираше и одреден број на попишувачи не можеа да попишуваат. Техничките тимови интензивно работеа на отстранување на проблемот и за кратко процесот продолжи непречено. Би сакале да потенцираме дека проблемот што се појави не се должи на интернет конекцијата со која се овозможува попишување, туку ова се можни и нормални проблеми кои се резултат на поголем број паралелни сесии“, се вели во соопштението.

Од ДЗС потенцираат дека и во тие два-три часа додека траеле техничките проблеми, биле попишани речиси 10 илјади лица на целата територија на државата.

Од ДЗС, воедно, и се извинија, како на јавноста така и на Македонски Телеком АД, за „несреќно дадената“ изјава дека проблемите се должат на паѓање на интернето, која, како што велат, се должела на недостиг на точни информации.

- Реклама -