Движење БЕСА: Техничкиот премиер Талат Џафери решил технички да ги спаси криминалците од ДУИ на црната листа на САД

„Талат Џафери го повлече законот со кој треба да се казнат сите оние функционери и бизнисмени на владата на СДСМ-ДУИ, кои Соединетите Американски Држави ги ставија на Црната листа поради нивната вмешаност во финансиски криминал, главно со злоупотреба на позициите и се збогатија на грбот граѓаните“, реагираат од партијата Движење БЕСА.

„Многу бргу на ДУИ им паднале маските. На виделина е фактот дека техничкиот премиер Талат Џафери решил технички да ги спаси криминалците потврдени и од САД.

Тоа докажува и еден факт, дека Талат Џафери е секогаш тука каде што мора да се брани ДУИ и нејзиниот криминал. Кога требаше во Собранието да се блокираат закони во интерес на ДУИ и на штета на Албанците беа тука, сега е потребно во Владата, бидејќи таму ќе ги штити криминалите“, се вели во реакцијата.

Како што претходно беше соопштено, Предлогот за измени на Законот за рестриктивни мерки е повлечен од собраниска процедура „поради административни причини“. Тој се очекува да се најде на дневен ред на следната владина седница на која треба да биде дадено ново одобрение.

„Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки, поради изборот на новата влада, административно оди на ново одобрување на наредната владина седница и ќе биде доставен до Собранието на Република Северна Македонија“, велат од Владата за МИА.

На 221-та владина седница одржана на 16 јануари, Владата, едногласно, со консензус изрази политичка волја предложените законски измени да ги достави до Собранието.

- Реклама -