Мнозинството од Русите би се вратиле во СССР (Сојуз на Советски Социјалистички Републики), покажува студијата на центарот Levada – непрофитна невладина организација која спроведува статистички истражувања.
Според нивната анкета, во 2018-та година дури 66% од Русите изразиле желба да се вратат во СССР, што е најголемиот таков процент во последните 15 години, пренесува Russia Today. Минатата година 58% од Русите изразиле жалење за распадот на Советскиот сојуз (1991 година).
Организацијата почна да ја спроведува анкетата по нешто повеќе од година од распадот на СССР. Ова е првпат од 2004 година наваму процентот да надмине 65% од руските граѓани. Инаку, рекордно носталгична година беше 2000-та, кога дури 75% од Русите посакале да се вратат во Советскиот сојуз.
Најносталгични се постарите, но не само тие
Најголемиот дел од носталгичарите по СССР е составен од граѓани постари од 55 години. Но, во последните години се зголемува и бројот на младите на возраст од 18 до 24 години, кои исто така би сакале „да се вратат“ во Советскиот сојуз.
Интересно е што 60% од испитаниците сметаат дека можел да се избегне и самиот распад.
Зошто толку носталгија?
Мнозинството Руси тагуваат за СССР поради непостоењето на заедничкиот економски систем на 15-те републики; 52% го навеле ова како главна причина. 36% од испитаниците најмногу се носталгични по чувството дека припаѓаат на голема и моќна светска сила. 31% жалат по СССР поради моменталниот раст на непријателството меѓу поранешните сограѓани.
Карина Пипија од истражувачкиот центар Levada, смета дека носталгијата во 2018-та е толку висока и поради овогодишните реформи во пензискиот систем, според кои во пензија се оди 5 години подоцна отколку претходно.
„Луѓето својата носталгија за СССР ја објаснуваат со главно ирационални перцепции за силната економија и богатство во тој период, а притоа забораваат дека тогаш многумина немаа за основни животни потреби и дека граѓаните често користеа бонови за храна“, потсетува Пипија.