Две лица загинаа во руски воздушен напад во областа Харков

Во друг напад денеска во југозападниот дел од Украина, во Одеса, загина едно лице, а тринаесет беа повредени

Како резултат на руско гранатирање врз градот Купјанск во областа Харков која се наоѓа во непосредна близина на руско-украинската граница загинаа две лица, соопшти регионалното обвинителство од Харков. Оттаму велат дека во нападот биле оштетени куќи и згради, комунални простории и петнаесет гаражи, за што обвинителството ќе покрене истрага за кршење на законите и обичаите на војната.

„Предкривичната истрага утврди дека вооружените сили на Русија денеска околу 11 часот извршиле воздушен напад врз градот Купјанск. Како резултат на гранатирањето, двајца случајни минувачи – маж и жена – паднале на жици од електрична мрежа. Избувнал пожар, а лицата починале на лице место. Деталите се утврдуваат. Најверојатно окупаторите го погодиле градот со прецизно наведувани бомби КАБ-1500“,

се вели во соопштението.

Фото: EPA-EFE/SERGEY KOZLOV

Во друг напад утринава во Одеса, едно лице загина а 13 беа повредени, соопшти тамошното обвинителство. Оттаму на каналот Телеграм соопштија дека руските сили во текот на ноќта извршиле масовен напад со беспилотни летала врз Одеса и нејзините предградија.

Руското Министерство за одбрана пак, соопшти дека во текот на изминатата ноќ противвоздушните системи на руските вооружени сили уништиле 50 украински беспилотни летала над седум региони на Русија.

„Руските системи за противвоздушна одбрана уништија 50 украински беспилотни летала: 28 беспилотни летала над територијата на Брјанскиот регион, 12 над територијата на Курскиот регион, четири над територијата на Новгородскиот регион, два над територијата на Смоленскиот регион, два над територијата на Тула и по еден на териториите на Орила и  Тверскиот регион“,

соопшти руското Министерство.

- Реклама -