Оперскиот пејач Игор Дурловски и еден од предводниците на движењето „За заедничка Македонија“ чии протести ескалираа со упaдот во Собранието на 27 април, а воедно и носител на кандидатската листа на ВМРО-ДПМНЕ во Изборната единица 5, одговори на обвинувањата на портпаролот на СДСМ – Костадин Костадинов, кој Дурловски го нарече „лажен патриот“.
Костадинов го обвини Дурловски дека заедно со уште пет други лица купил 12 хектари земјиште во Свети Николе, додека истовремено, како што тврди, ВМРО-ДПМНЕ глумат загриженост за пандемијата и здравјето на граѓаните.
„Неодамна во јавноста излегоа информации дека Дурловски заедно со водачите на протестите и крвавиот четврток добиле 200.000 евра за своите активности.
Дали со парите за напад врз пратеници и новинари, денес лажниот патриот Дурловски купува десетици илјади квадрати македонска земја?
Дали со парите за крвавиот четврток, денес Дурловски станува земјопоседник?“, праша Костадинов.
„Го слушам Костадин денеска на прес конференција и не знам како може гласноговорникот на партијата која ја приватизираше Македонија, партијата на Заеви, кои вртат милиони, а земаат државна помош како да се зависни од неа, партијата на Анѓушев, со милионскиот бизнис, Шекеринска со десетиците станови, и многу други од нивен калибар, како зборува за имоти. Еве збор два и за тоа.
Земјиштето кое што јас со уште 5 други лица го имам купено е пасиште, земја од 6та категорија. Не се работи за плац во струмичката касарна чија цена достигнува и до неколку стотици илјади евра, ниту станува збор за погон со мapихуана. Тоа земјиште е со вкупна вредност од не повеќе од 15 илјади евра. Мојот дел во него е 1/6. Сѐ што сум заработил сум вложил тука и за разлика од тебе и твоите наредбодавци парите за истото ги имам стекнато на чесен начин со работа, труд и дваесетгодишно живеење и претставување на Македонија насекаде низ светот“, напиша Дурловски, споделувајќи два фотоколажи. На едниот, како што напиша, е претставен неговиот пат до успехот, а на другиот – патот на, како што го нарече, Костадин „војводата“.