„Беше гласен молк и единствениот светол ден во поновата македонска историја“, напиша оперскиот пејач Игор Дурловски синоќа на Фејсбук, по повод една година од референдумот за Преспанскиот договор, односно референдумот за името, одржан на 30-ти септември 2018-та.
Покрај фотографијата со името „Macedonia“ испишано со жолти букви на црвена позадина, Дурловски додаде и дека „30-ти септември е мојот датум за препорака“, алудирајќи дека за него тоа што пропадна референдумот е позначајно и од добивањето датум за почеток на преговорите со Европската унија (кое допрва го очекуваме).
На консултативниот референдум на 30-ти септември, со референдумско прашање „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“, убедливо мнозинство од излезените гласаа „ЗА“. Поддршка на Преспанскиот договор му дадоа 609.813 граѓани, односно 94.18% од излезените. Против гласаа 37.700 граѓани, а неважечки беа 19.230 гласови.
Меѓутоа, главно поради организираниот бојкот, референдумот ја немаше потребната излезност. Од вкупно 1.806.336 запишани гласачи, својот глас го дадоа само 36.91%, поради што не беше исполнет потребниот цензус и поради што Државната изборна комисија го прогласи референдумот за неуспешен, односно заклучи дека „референдумската одлука не е донесена“.
Дурловски, инаку, беше единствениот што одби амнестија, а доби ослободителна пресуда за упадот во Собранието од 27 април.