Игор Дурловски, денеска ги даде своите завршни зборови како обвинет во предметот за 27 април, дека со своите говори пред Собрание ја поттикнувал толпата да го изврши насилниот упад. Дурловски на судот му се обрати со неколку прашања, важни, како што рече, при донесување на пресудата.
– Ве замолувам да се запрашате кој е тој потпалувачки говор со кој сум повикувал на рушење на уставниот поредок. Тој ден пеев во Собрание, внатре, а потоа со син ми бев на ракометен натпревар. Ако е вистина тоа што вели ОЈО, тогаш осудете ме. Сведокот Курто Дудуш рече дека мислел оти ме видел, но не беше сигурен. Овде прв пат го видов. Врз основа на изјава на обвинет ОЈО ме терети дека сум правел нешто за интерес. Одвратно е тврдењето дека сум бил платен да протестирам. Дали за мене има еден доказ дека сум планирал да се случи 27 април? Нема такво нешто – изјави Дурловски.
Вчера завршни зборови дадоа дел од обвинетите. Процесот започна против 33 обвинети, но согласно Законот за амнестија, помилувани беа вкупно 15 лица.