Кевин Дурант ги приземји Ракетите

Кошаркарите на Хјустон Рокетс не успеаја да најдат начин да го запрат Кевин Дурант, па многу нормално е што претрпеа убедлив пораз на гостувањето против Оклахома Сити Тандер од 120:98.

Дурант мина на теренот неполни 43 минути во кои што апсолутно доминираше во дуелите со гостинските кошаркари, завршувајќи го натпреварот со 37 поени, 7 скокови и 4 асистенции. Серж Ибака повторно беше значајно оружје во нападот на Оклахома, реализирајќи 23 поени, а значителен учинок имаше и „резервистот“ Мартин со своите 17 поени.

На спротивната страна, ова беше прв натпревар на Џејмс Харден против Тандер откако го напушти Оклахома Сити и потпиша договор со Хјустон. Одличниот бек одигра под своите можности, реализирајќи 17 поени, но со очаен шут од поле (3/17).

Бруклин Нетс стигнаа до голем триумф од 83:95 на гостувањето против Бостон Селтикс, меч што го одбележа конфликтот меѓу неколку кошаркари по грубиот старт на Хамфрис врз Кевин Гарнет.

Судиите го расчистија хаосот исклучувајќи го домашниот плејмејкер Рондо, како и Валас и Хамфрис од редовите на Бруклин, но домаќините не се снајдоа без својот главен организатор на играта и на крајот го загубија мечот.

Џонсон со 18 поени беше единствениот стартер со двоцифрен ефект во таборот на „Мрежичките“, но затоа одлично одиграа резервите на Бруклин, пред сѐ Стакхаус и Блеч, коишто реализираа по 17 поени при оваа победа.

- Реклама -