Дуото ДОБРИЛА & ДОРИАН ѝ е познато на македонската музичка сцена уште од самите почетоци забележани пред неколку години, кога го објавија првиот албум „Апокриф”. Со вториот албум „Пиле шарено” вистински го постигнаа очекуваниот успех и потврдија дека Македонија дури и тоа како има свои културно/творечки вредности со кои може и треба да се гордее.
И благодарејќи на извонредните гласовно/ вокални аранжмани на Добрила Грашеска, со музичката придружба на утот на Дориан Јовановиќ, тие, стапка по стапка, ја освојуваа не само македонската публика, туку како прави музички мисионери, културни амбасадори и дел од европските културни центри.
Нивните гостувања од Норвешка, Германија, Белгија, Франција, Чешка, Финска, Албанија, до Босна и Херцеговина се потврда за местото што го заслужуваат на листата на културно-творечки благо во Татковината.
За искуствата стекнувани на овие извонредни настани ќе разговарам со Добрила Грашеска, која подетално ќе ни ги објасни чувствата доживеани на овие патувања.
Б. З. Б.:
Секако дека не е мала работа да се добијат сите овие епитети, особено денес и овде кај нас, кога секој втор мисли дека е доволно да се застане зад микрофон и да отпее или отсвири нешто.
Што е она што на Дуотото ДОБРИЛА & ДОРИАН им го резервира место на листата на „посебно културно/творечко благо” на Македонија?
Д. Г.:
Работата. Вербата во она што го работиме. Посветеноста. Познавањето на можностите на другиот. Познавањето на музиката и секако, креативноста. Тоа би биле смерниците по кои ние со Дориан се движиме, без притоа да имаме цел да стигнеме на некој фестивал или топ-листа. Ние, едноставно, искрено, без калкулации, но со голема љубов го работиме она што го сакаме без при тоа правејќи било какви претходни пресметки. А искусните уши ќе ја препознаат убавината. Тоа е нашиот рецепт за добрите реузлтати од она што го работиме. 0
Б. З. Б.:
Една од особеностите на вашиот музички состав, што посебно го задржува вниманието и на историчарите на музиката, е изборот на стиховите. Дали би сакале да ни објасните подетално како стигнавте до идејата музички и гласовно да ги обработите овие ретки, но толку значајни творби од нашето фолклорно минато?
Д. Г:
Изборот на песните со интересни приказни за кој зборувате, го правиме заеднички со Дориан и се разбира врз основа на нашите афинитети и повторно ќе речам – познавањето на песните. Но секако, прв филтер е нивната фреквентност, колку се тие познати меѓу народот. А доколку ги слушате нашите албуми, ќе забележите дека ретко се „зафаќаме“ со познати песни. Ние сакаме да ги извадиме на виделина оние малку подзаборавените, непознатите, или оние кои некогаш биле попознати, но сега се потиснати. И најважното – сакаме да работиме со песни кои имаат убави приказни и силна порака.
Б. З. Б.:
Интересно би било да чуеме како странската публика ве доживува, иако многу често не го разбираат јазикот на изведуваните дела. Дали во такви ситуации освен вашите вокални можности е еднакво значајна музичката придружба и ритамот што ги анимира слушателите за да останат до самиот крај на еден ваш концерт?
Д. Г.:
Па, музиката како најестетската од сите форми на уметност понекогаш нема потреба од познавање на јазикот. Таа вибрира со својата емоција којашто ја создаваме преку нашите импровизации на нашите инструменти – утот или гласните жици. И се разбира, со емоциите што се создаваат. А за нив никогаш нема превод затоа што тие на сите јазици звучат исто.
Б. З. Б.:
Вообичаено на концертите со себе ги носите и снимените материјали на цедеа. Одржувате и работилници за обука на заинтересирани млади луѓе кои би сакале да ги прошируваат своите музички капацитети со вашите искуства. Дали публиката е заинтересирана и по концертите и по работилниците да го сочува сеќавањето од еден доживеан концерт во живо, купувајќи ги материјалите што обично ги носите со себе?
Д. Г.:
Работилниците и мастер-класовите се многу интересна приказна којашто од неодамна почнавме да ја практикуваме, односно, самите фестивали започнаа да ги организираат и да нѐ канат на нив – и тоа на големо задоволство на сите – и на наше и на учесниците. На нив се учи македонска традиционална музика и пеење и тоа со големо внимание. Учесниците се исклучително љубопитни и иако и јазикот и ритамот и мелосот им е непознат, тие се внесуваат во учењето, во прашањата, во изведбата, така што тоа на крајот сѐ завршува со заедничко славење. И бидејќи во моето сеќавање ми е последното гостување во Хелсинки, Финска, мора да кажам колку беше убава и продуктивна работата, каде што работевме со постдипломци од академијата Сибелиус од Global music department. Тоа беше спој на различни култури кои едвај чекаа да ја чујат и да ја додадат нашата во сета таа светска музичка мешавина. Можеби токму поради тоа сите бевме сведоци на одличен резултат од соработката која ја прикажавме на отворањето на Etnosoi! Festivalo-от. А кога ќе направиш супер концерт, цедеата, торбите и маиците се продаваат за миг.
Б. З. Б.:
За крај, да го заклучиме овој краток, но содржаен разговор, би ве запрашала за понатамошните планови и планирани активности?
Дали се спрема нов албум, што обично до крајот се остава да биде најубавото изненадување за сите ваши фанови?
А бидејќи сме на прагот на Новата година, што би им посакале на сите ваши поклоници и љубители на вашите културно/творечки остварувања. На сите Македонци, на сите љубители на македонската традиционална музичка култура воопшто?
Д.Г.:
Плановите ни се да продолжиме работиме. Само така секој човек си го оправдува своето постоење и создава нови вредности. А новиот албум е веќе подготвен да ја види светлината на денот. Кој датум тоа ќе се случи – не можам со сигурност да кажам, но некој ден од следнава година – секако.
А на сите кои нѐ слушаат и ја почитуваат нашата работа освен доброто здравје и мудрите избори, би им посакале да успеат да го игнорираат грдото и да му се препуштат и да го поддржат само убавото – затоа што без тоа овој свет нема да има смисла.
Благодарам, Добрила, за одвоеното време кое сè повеќе станува една скапоценост која почнува да навлегува и во нашите животи како модел на севкупно организирање. Во Европа, уште пред многу години, како специјализантка во Милано, Итлијанците ме научија на кој начин да го почитувам сечие време, па и моето, секој одвоен миг дури да се направи и еден мал патемен разговор. Италијанците велат „Времето е пари“, – ајде и ние меѓусебно да научиме да почнеме да си го почитуваме секој миг и секое потрошено време, како една голема скапоценост, особено денес кога гледаме дека времето едноставно, почнува да лета, дека секогаш ни недостасува да завршиме илјадници работи и дека секој човек го заслужува својот животен простор и време, на начин што му е неопходен за добра севкупна и творечка организација.
Разговорот го водеше
Билјана З.Билјановска
Независна новинарка, аналитичар




