Демократската унија за интеграција ја поздравува, како што велат, историската одлука за прифаќање на францускиот предлог донесена од страна на Собранието на Република Северна Македонија со која, според нив, „се запечати идеолошката ориентација на земјата без друга алтернатива, онаа за интеграција во Европската унија“.
„Денес, триумфираше рационалноста, се зачуваа европските корени на земјата и беа поразени деструктивните обиди на регресивните проруски сили. Граѓаните на оваа држава не потпаднаа на измамите, провокациите, конфузијата, и не ги поддржаа протестите кои имаа за цел да ја вратат државата наназад, по сите заеднички достигнувања“, тврдат од ДУИ.
„Нашето патување кон Европа ќе го направиме заедно, со достоинство и целосен демократски капацитет. Ја имаме поддршката на сите земји од Европа и на Соединетите Американски Држави, со кои успешно ги поминавме сите предизвици за демократизација на земјата.
Демократската унија за интеграција остана силно ангажирана во реализацијата на оваа цел за одблокирање на евроинтегративниот пат заедно со коалициските партнери и ќе продолжи да биде дел во прогресивниот табор во секој неопходен процес до целосното остварување на сонот за интеграција на земјата во Европската Унија“, се додава во соопштението.