ДУИ до Уставен: Не ја предизвикувајте демократијата, Рамковниот е темелот што ја држи обединета оваа мултиетничка и демократска држава

„Во овие одлучувачки часови за иднината на Северна Македонија, кога Уставниот суд разгледува прашања што можат суштински да ја променат структурата на нашата мултиетничка држава, ѝ се обраќаме на совеста на судиите и на совеста на оние кои влијаат врз нивните одлуки“, соопштија денеска од ДУИ, повикувајќи ги уставните судии „да не ја предизвикуваат демократијата“.

„Ова е критичен момент не само за Албанците, туку и за сите граѓани на државата кои веруваат во демократските вредности, еднаквоста и соживотот.

Како легитимни претставници на мнозинската волја на Албанците во Северна Македонија од последните избори, нагласуваме дека секое нарушување на уставната еднаквост претставува нарушување на мирот, стабилноста и заедничкиот прогрес“, велат од ДУИ.

Велат дека Охридскиот рамковен договор не е документ што, според нив, може да се менува според дневно-политичките интереси – тој е темелот што ја држи обединета оваа мултиетничка и демократска држава.

Прочитајте и:  Апасиев: Законот за двојазичност е премногу дури и за федерални држави, тоалетна хартија објавена во „Службен весник“ без никаков правен преседан

„Денес, повторно сме на раскрсница, каде што нашето право на претставување, еднаквост и заслужено место во ова општество е доведено во прашање.

Им се обраќаме на судиите на Уставниот суд: Ова не е само правна одлука – ова е одлука што ќе одреди дали Северна Македонија ќе остане држава во која сите нејзини граѓани се чувствуваат еднакви и почитувани.

Не ја правете историската грешка да уништите она што заедно сме го изградиле со голем труд и напор. Ги повикуваме и граѓаните, како и меѓународните институции, внимателно да го следат овој процес.

Нема функционална демократија без целосно почитување на Албанците и на нивните уставни права.

Не заборавајте: Демократијата не е подарок, таа е одговорност.

Денес, ваша е одговорноста да не ја предизвикате“, порачаа од ДУИ.

- Реклама -