Дубаи ја има најголемата рамка за слика во светот

Во поновата историја Дубаи никогаш не се срами да експериментира со архитектурата, а најновиот уникатен споменик е 150 метри висока рамка за слика поставена над Zabeel Park. Рамката се градеше скоро декада, а „ги претставува аспирациите на Дубаи и неговите достигнувања“.

Светкавата структура е прекриена со златни шари кои ги отсликуваат мотивите од Еxpo 2020.

Навечер целата структура е осветлена, а посетителите имаат можност да прошетаат по стаклената платформа (на 93 метри височина), од каде имаат фасцинантна панорама врз градот, вклучително и иконската Бурџ Калифа. Во склоп на таа прошетка, посетители се вклучени и во изложба со аугментирана реалност која ја прикажува историјата и планираната иднина на градот.

Рамката веќе го привлекува вниманието на туристите и локалните жители, и веќе станува главна точка за селфи. Не за џабе е „најголемата рамка за слика во светот“.

Проектот не помина без контроверзи – оригиналниот автор (Мексиканецот Фернандо Донис) наводно бил отсечен од проектот и морал да го следи напредокот преку социјалните мрежи. Но тоа и не е толку важно, бидејќи и на самиот Донис му се допаѓа крајниот резултат.

„Фантастично е (проектот) да се види материјализиран“, вели за Guardian. „Се чини дека функционира во склоп со небесната позадина баш како што го замисливме. Секако, ако нас нé прашаа ние ќе префериравме да биде посуптилен и со помалку декор, но на крајот го постигнува токму тоа што го сакавме“.

 

- Реклама -