DS планира ривал на BMW i8

Луксузната марка на Citroen – DS, планира сериозна моделска офанзива за следната деценија – четири нови SUV модели, луксузен седан и хибриден суперавтомобил кој ќе биде директен ривал на BMW i8.

Всушност, оваа намера беше јасно потенцирана на салонот во Женева минатата година, со премиерата на концептот E-Tense. Сега развојот на моделот влегува во нова фаза, бидејки Citroen привлече на своја страна три канадски компании, меѓу кои се издвојува Exagon Motors. Канаѓаните имаат и обезбедено од државата финансирање во износ од 16 милиони долари, а нивната прва задача е да се создаде компоненти за спортски електромобил, кои потоа DS ќе го користи за својот суперавтомобил.

Можно е спортската творба на DS да го користи дизајнот на E-Tense, кој беше претставен со целосно електричен погон и моќност од 400 коњски сили. Но сериската верзија ќе е хибрид, а не чист електромобил. Секако, повеќето екстравагантни решенија во дизајнот на E-Tense ќе исчезнат за сериската верзија.

Еден од шефовите на DS изјави дека штом „брендот ќе прави спортски автомобил, тогаш тој нема да личи на ништо друго што веќе е познато на пазарот”.

Но, пред да дојде до спортскиот суперавтомобил, DS ќе се фокусира на SUV моделите. Во Женева ќе дебитира новиот DS7 Crossback и ќе излезе на пазарот во јануари 2018. По него ќе се појави DS3 Crossback кој ќе биде директен ривал на Audi Q2. Потоа доаѓа ред на луксузниот седан, кој ќе биде наменет главно за кинескиот пазар, а по него ќе биде премиерата на SUV моделот од средната класа DS5 Crossback. И конечно – на врвот на гамата ќе застане ривалот на Audi Q7 – DS8 Crossback. Секој од овие автомобили ќе биде со хибриден погон, па технологијата на DS во овој поглед ќе биде сериозно развиена до појавата на спортскиот суперавтомобил.

- Реклама -