Државен карантин за тие што ќе ја прекршат самоизолацијата, ама и ќе си го платат

На владината седница се разгледувало и решение за построги казни за оние кои ги прекршуваат наредбите за самоизолација, иако висините на казните (до денеска изречени 47, за 40 лица) не се така мали за наши стандарди, откри министерот за внатрешни работи Наќе Чулев во денешното гостување во „Само интервју“ на „Канал 5“.

Една од тие построги мерки за кои се разговарало, откри тој, било воведување на државен карантин. Лицата не се свесни дека покрај сопственото го ризикуваат и општото здравје, оцени Чулев, и рече дека затоа било предложено, покрај паричните казни, лицата кои ќе бидат фатени како ја прекршуваат самоизолацијата да бидат сместени во карантин одреден од државата, а згора на тоа и самите да си го платат престојот таму.

Според Чулев, се разговарало за неколку опции за локацијата на таков карантин.

Како што рече Чулев, точка на вечерашната седница е и прогласување полициски час, што е во согласност со неговиот став.

Чулев најави и засилено полициски присуство и контрола на улиците, со тоа што од утре ќе се вклучат и ќе има засилени патроли и од Единицата за брзо распоредување. Едно од нивните задолженија ќе биде разбивање на граѓаните во групи поголеми од 5 лица.

 

На денешната прес-конференција, пак, Чулев информираше дека МВР обезбедува и контролира вкупно 3.787 лица во самоизолација, од кои 1.088 се во Скопје.

 

- Реклама -