Меѓу модните писти и колевката – бразилските убавици не сакаат да го ниту жртвуваат семејството, ниту кариерата. Но, и покрај трудот, само најпознатите успеваат во тоа.
„Жизел ужива во последните денови од бременоста“, пишува под фотографијата од манекенката Жизел Бундхен објавена лани во бразилскиот моден магазин „Карас“. На фотографијата манекенката лежи на плажа и се сонча. Жизел, полу Германка, полу Бразилка, веќе има две деца. Најмладата ќерка Вивиен, е родена во декември минатата година. Оваа манекенка припаѓа на новата генерација бразилски модели кои сакаат да имаат и семејство и деца и кариера. Во најголемата земја во Латинска Америка тоа, како што се чини, е можно, пишува „Дојче веле“ во текстот „Меѓу пелените и модните писти“.
„На клиентите им е сеедно дали манекенките имаат деца или не. Сѐ додека работат добро и професионално“, објаснува Дева Сантош, директорка на модната агенција „Mega Models“ во Рио де Жанеиро. Сепак, додава, тоа не им успева на сите.
„Доколку манекенката нема семејство, доколку е самохрана мајка, тоа може да ѝ донесе проблеми на работа па дури и да ја заврши нејзината кариера“, вели Сантош.
Супер мајка и супермодел
Глетката на деца кои трчкаат наоколу додека нивните мајки чекорат по модните писти или позираат за некој магазин за сега на меѓународната модна сцена е реткост. Манекенките како Хајди Клум, Жизел Бундхен, Адриана Лима или Калудија Шифер се исклучоци кои го потврдуваат ова правило. Во правилото исклучително е тешко да се поврзат мајчинството, семејството и работата на модел. Тоа го потврдува и германската манекенка Елишеба Вилде. Иако тоа ѝ појде од рака, таа наведува дека првите три месеци додека го доела синот биле многу напорни. „Во тој период изгубив многу работа. Не можев постојано да го носам син ми со себе“, вели таа.
Во Бразил манекенките кои имаат деца во меѓувреме уживаат култен статус. Милиони девојчиња и девојки сакаат да бидат токму како нив. Сонуваат за живот на модните писти, но и за сопствено семејство и деца.
„На непознатите манекенки кои имаат деца им е потешко да ги обединат семејството и работата, но тоа не е неможно. Понекогаш токму од децата добиваат дополнителна сила“, вели Моника Монтеиро, сопственичка на модната агенција „Monica Monteiro Agency“ во Сао Паоло која ја открила Жизел.