Во петокот, хрватскиот суд го ослободи 31-годишниот Дарко Ковачевиќ Даруварац, кој брутално претепа 18-годишна девојка во кафуле во Задар. Случајот веќе подолго време ја бранува Хрватска, но по ослободувањето на насилникот гневните реакции достигнуваат кулминација. Тоа засега ништо не ѝ значи на жртвата, која постојано живее во страв за себе и своето семејство.
Меѓутоа, се чини дека таа не е единствената. Ја пренесуваме „исповедта“ на нејзината другарка, чисто како уште едно предупредување дека треба да пазите со кого се мотате.
„Не можам да ви опишам како се чувствувам денес, шест месеци од тој настан. Јас сé уште се надевам дека сето тоа беше само сон од кој ќе се разбудам“, вели за „Слободна Далмација“ 18-годишната М.П., која била сведок на бруталното претепување на нејзината исто така 18-годишна другарка.
М.П. проговори само два дена откако насилникот излезе од притвор, а во знак на поддршка на протестот со слоган „Само за неа“ на кој жителите од Задар се кренаа против насилството врз жените.
„Сите овие шест месеци се плашев за себе и не сакав да говорам, но ова ги премина сите граници, па сакам сега на сите да им ја кажам вистината. Бидејќи не мора само таа и нејзиното семејство да се кријат и плашат, туку и јас“, раскажува другарката, опишувајќи ги до детали настаните во кафулето таа вечер:
„Вриштев. Сите гледаа, никој не се удостои да стане… Дојдов околу еден час порано пред мојата другарка. Седев и пиев кафе со пријателите. Наскоро влезе и Даруварац со своите ‘пријатели’. Штом влезе, од шанкот зема шише Шток.
Во кафулето тогаш влезе и мојата пријателка. Даруварац стоеше во близина на влезната врата и ја турна веднаш штом влезе. Во еден момент се слушнаа три гласни удари, како некој да ѝ ја зема главата и како да ѝ ја удри трипати со сета сила од вратата или од ѕидот. Сопственичката на кафулето ми рече да не се грижам, дека ништо нема да ѝ направи. Нејзиниот сопруг ја пушти музиката погласно.
Ја тепаше, кубеше, влечеше, удираше по целото тело, а во еден момент додека таа лежеше на подот, ја нокаутираше со шут во глава како да е ќеса ѓубре. Лежеше на подот облиена во крв, во полубесознание. Мислев дека е мртва. Станав и паднав на колена. Вриштев. Сите ме гледаа, никој не се удостои да стане и да го тргне од неа. Бев како замрзната. Не можев да се смирам и единствено во главата ми се моташе дека ја уби“, раскажува девојката.
Кога ја замолила сопственичката на кафулето да викне Брза помош и полиција, таа и рекла: „Нема потреба да викаме никого, ова може да се реши и без Брза помош и полиција“, тврди другарката на претепаната Хрватка.