Драстично намалување на цената на руската нафта

Цената на руската нафта „Уралс“ во ноември бележи пад од дури 23 проценти во однос на барелот Брент на лондонскиот пазар, потврдува Руската централна банка во својот најнов извештај за финансиска стабилност. Разликата меѓу двете референтни марки значително се зголемила во споредба со летните месеци, кога дисконтот изнесуваше околу 15%.

Според извештајот, барел Уралс минатиот петок беше оценет на 52,8 долари, што претставува пад од 22,8% во споредба со почетокот на април. Во исто време, Брент се тргуваше по цена од 62,56 долари, што е 11,7% поевтино од април.

Руската централна банка истакнува дека овој пад е директно предизвикан од новите американски санкции. Администрацијата на претседателот Доналд Трамп воведе санкции во октомври кон енергетските гиганти Лукоил и Роснефт, компании што произведуваат околу 5% од светската нафта.

Алексеј Заботкин, потпретседателот на Централната банка, изјави дека овој значителен пад е „привремен феномен“, слично на она што се случи во 2023 година, нагласувајќи дека руските извозници успеале да воспостават нови патишта и да се прилагодат на ситуацијата.

Падот на глобалните цени влијаеше и на приходите од енергетските ресурси. Рускиот буџет од јануари до октомври инкасирал 7,5 билиони рубли (околу 92,7 милијарди долари) од нафта и гас, што е 21,4% помалку во однос на истиот период минатата година. Министерството за финансии предвидува дека само во ноември приходите ќе бидат за 590 милиони долари пониски од планираното.