Покорност, страст, стилска доминација, страст, модна послушност, страст, драма.
Македонската дива Тамара Тодевска е заштитно лице на најновата колекција на Македонскиот моден бренд Драма. Колекцијата е одзив на еден дизајнер, личен моден став и можеби најблиску до интимната Ивана Кнез. Ластици, памучно трико, жоржет се материјалите кои ја дефинираат текстурата на колекцијата.
„Сакав материјали кои ќе го заробат телото а воедно ќе му остават простор да дише, материјали кои во себе ќе ја носат контрадикцијата на самата колекција – веш со кој излегуваме во јавност, моден веш. Колецијата ја оставам отворена на квантитет, има простор за иден развој. Оваа година сите колекции ќе ги посветам на истата тема, но од повеќе гледишта, со повеќе опции, во разни форми интерпретација на денешната животна цензура“, изјави креаторката Ивана Кнез.
Кнез, конструктивната инспирација ја најде во медицинските помагала на Медикус, од таму произлегоа корсетните поставки и поголемиот дел од официјалниот веш. Фустаните и кимоната се специфичниот дел од колекцијата кој е всушност RDT (ready to wear) наменет и за во интимни моменти и за во јавност.
Изработена е во црна боја за потребите на шоурумот, но ќе постои можност за избор на поинаква боја, дури и дизајн по нарачка. Наменета е за жени со вистинска самодоверба, дефиниран стил, со изразена сензуалност и концентрирани емоции, жени сигурни во својот животен пат без разлика на целта. Знаат како да сакаат и да бидат сакани и не се плашат.
„Тамара Тодевска е вистинска дива. Ми претставува особена чест и лично задоволство што токму јас сум задолжена за нејзините трансформации во последната година. Таа е се она што една дива треба да биде, го има сиот суптилен гламур кој една јавна личност треба да го поседува, доволно е храбра за да експериментира и доволно конкретна за да знае како треба да се чувствува на сцена“, додава Ивана Кнез.
Млада жена со моќен глас, исклучително индивидуален моден стил, со јасна дефиниција на тоа што е сцена а што секојдневие, беа предиспозициите што придонесоа за Тамара да стане заштитино лице.
„Убавината на оваа колекција е можноста за игра надвор од визијата на дизајнерот. На еден мој настап облеков една од провокативните сукњи од колекцијата со туника во риги и тоа изгледаше максимално возбудливо и тотално поинаку од тоа што го претставивме во едиторијалот. Самите парчиња овозможуваат да се чувствуваш привлечно, женствено, трендовски а воедно и кул. Ми се допадна како изгледам во SUBMISSIVE DRAMAWEAR и сакам да биде дел од моето секојдневие“, изјави Тамара.
Соработката ќе продолжи ова лето со вториот дел од колекцијата, костими за капење и летни додатоци.