„Ѕвечкајќи со своето вето, Бугарија само ја користи својата позиција на ЕУ членка за да постигне дел од своите интереси во надворешната политика, исто како што многу други направија претходно. Проблемот е што ЕУ ја нема желбата и го нема начинот да обесхрабри такви еднострани потези“, пишува за Euractiv Орхан Драгаш од Меѓународниот безбедносен институт во Белград, автор на книгата „Две лица на глобализацијата – вистина и измами“.
„Македонците се емотивни луѓе и веројатно имаа тешки мигови да го поднесат наглото ладење на кое беа изложени во само неколку дена – од ентузијазам за првото учество на следното Европско фудбалско првенство, до нова блокада на нивниот пат до членство во ЕУ. Можно е овие две нешта да не се споредливи и дека двете не ги интересираат сите Македонци подеднакво, но има некои заеднички симболи во македонските чекори кон Европа, и фудбалски и политички. Тешко е, долго трае и чекаа на успех со декади, но засега резултати има само во фудбалските, не и политичките квалификации“, пишува Драгаш.
„Фактот што Бугарија го блокираше отворањето на пристапните преговори за ЕУ на Северна Македонија, не е ниту новитет, ниту изненадување. Постои долга историја на соседски сопнувања на патот кон ЕУ членство. Словенија ја блокираше Хрватска поради границата во Пиранскиот залив, па Хрватска, веднаш штом стана ЕУ членка, ги блокираше преговорите на Србија, а и Бугарија го направи тоа на кратко пред три години, поради позицијата на нејзиното малцинство во Србија.
Грција за држеше Македонија со декади без било какви шанси за интеграција во Европа и НАТО, додека не го смени името. За цело тоа време, ЕУ повторуваше дека нерешените меѓусоседски проблеми не смеат да бидат причина за членка на ЕУ да стави вето за нејзиниот не-ЕУ сосед. Но кој би поверувал во тоа, особено по бугарското вето?
Значи, проблемот не е што Бугарија ја условува Македонија – Бугарија само ја користи својата позиција на ЕУ-членка за да постигне некои од своите надворешни интереси, исто како што многу други направија претходно. И е комплетно легитимно.
Но проблемот е што ЕУ ја нема желбата и го нема начинот да обесхрабри и спречи такви еднострани потези на нејзините полноправни членки.
На фактот што Бугарија ја условува Северна Македонија со историски и идентитетски спорови, Германија, како актуелно ЕУ претседателство, одговара студено и незаинтересирано – оставете ги самите да ги решат, а ние ќе помогнеме ако нѐ повикаат.
Во овој случај, ЕУ ја покажува досега најголемата и најотворена незаинтересираност за отворање на вратата за нови членки од Балканот. Ниту Брисел, ниту главните европски престолнини се трудат да најдат утешни, оптимистички зборови за оние кои се сѐ уште во чекалната, едноставно веќе немаат волја за такво нешто“, анализира Драгаш.
„Она со што вистински се соочуваат и она кое ‘жеже’ се блокадите и вето гласовите во самата ЕУ“, посочува тој. „Како да се справат со Унгарија и Полска, кои го блокираат усвојувањето на џиновскиот буџет од 1.800 милијарди евра, бидејќи неговото користење е условено со почитување на човековите права и владеењето на правото.
Едно вето, бугарското, ги загрижува само граѓаните на Северна Македонија и можеби нивните балкански соседи, но другото – унгарското и полското, ја загрижува целата Европа, онаа богатата. Иако опсегот на двете вета е различен, суштината е иста – не носат ништо добро ниту за оние кои ќе стават вето, ниту на оние на кои се однесува ветото“, констатира експертот.
Според него, „Европа удира во ѕидови веќе долго време“, ѕидови која самата си ги постави себеси и на нејзиното ефикасно функционирање. Нејзината бирократска форма ја изглода нејзината прогресивна и ценета содржина, а од неа не може да биде извлечена без голема внатрешна реформа, оценува Драгаш.
„Бугарското вето на преговорите со Северна Македонија, и уште повеќе германскиот молк по повод тоа вето, е потсетник за Србија дека ќе влезе во ЕУ различна од онаа што таа е денес.
Веројатно ќе биде тоа Европска унија поделена во неколку зони, кругови и ‘брзини’, како што Макрон опиша пред две години. Таквата ЕУ веќе постои во реалноста; нејзините зони се граничени со економска моќ, која е природна и функционална.
Сѐ додека таквата реалност не стане официјална преку реформа на Унијата, ќе има сѐ повеќе и повеќе ставања вето. И тие ќе бидат сѐ потешки, сѐ додека Унијата се трансформира во функционална заедница, не како оваа што ја имаме денес, која никој не сака да ја напушти.
Следната година, патот на Србија кон ЕУ членство ќе ја прослави својата полнолетност. Србија, заедно со пет други држави од Западен Балкан, беше оценета како потенцијален кандидат за ЕУ членство за време на Европскиот совет во 2003 во Солун.
Србија ќе знае дека Европа ја прифаќа во сопствените структури само ако постојат одредени гестови во таа насока. Одвојувањето на милиони евра за помош за надминување на последиците од пандемијата беше таков гест.
Во спротивно, Европејците ќе бидат лесно заменети на Балканот од некои други големи играчи во светот, што ќе биде застрашувачко и за Унијата, и за Балканот. По бугарскиот чекор во однос на Северна Македонија, тешко е да се очекува засилување на вербата во ЕУ и на желбата за приклучување во неа било каде на Балканот.
Празнината од европски ентузијазам веднаш е пополнувана од некој друг, во чии планови за иднината на Балканот нема многу место за напредок, безбедност и развој на балканските нации. И за жал, на Западниот Балкан сѐ уште има многу потенцијал за конфликт, сиромаштија и корупција.
А додека Европа го потценува ризикот кој лежи зад ветото на Бугарија на патот на Македонија кон ЕУ, за среќа, САД имаат појасен поглед и бараат таквите проблеми да бидат решавани надвор од пристапниот процес за членство во ЕУ.
Како што е случајот со замрзнатите преговори на Косово, кои ги реактивираше, Вашингтон се издвојува како главен спонзор на балканскиот пат до ЕУ, повеќе и од Европа, на која тоа ѝ е работа.
А судејќи по изјавата на Мајкл Карпентер – поранешен советник за надворешна политика на Џозеф Бајден, кој рече дека ниту Бугарија ниту Северна Македонија добиваат нешто од актуелниот конфликт – дека само оние кои сакаат поделби во Европа имаат корист од нив, трендот ќе продолжи и во претстојната администрација“, заклучува Драгаш.