Доста ни е!

Како да се излезе од оваа наша македонска катакомба? Хуморот, разговорите за спорт, музика, хуманост, филм,и секаква фора на живот, целосно замреа. Приказната за македонските патриоти и македонските предавници ја доживува својата кулминација. Сите се напикавме во своите партиски ќошиња и чекаме понатамошни инструкции како да го сочуваме ситнежот со кој не имаат купено и како да му го зариеме ножот на ближниот свој, кој не сака да биде дел од трлото. Не сака да биде пикан по автобуси, влечен за уши и сака да размислува слободно.
Програмирани да бидеме дел од една валкана игра, во која ќе се тргува со љубовта, стравот и патриотизмот што го има овој народ кон својата земја. Игра од која на крајот победник нема да има, а ние ќе го загубиме уште она малку човечко што ни остана. Стандардот ни е низок од секогаш но барем бевме горди и духовити луѓе. Сега треба да го испуштиме низ нос сето она што не прави нешто повеќе од животните и робовите. Или си лев или си десен, или си патриот или си предавник. До таму стасавме. Идеална почва да се сотреме и ни патриот ни предавник веќе да не се види во држаава. Злобата не опседна и таа во моментов извира од говорите на трговците со човечки судбини. Она што излегува од устата убива подеднакво како што убива и куршумот, каменот или бетонската плоча. А сите сме од иста мајка родени, нели?
Ова е приказната за двајца братучеди. Еден братучед Вморо-вец и еден братучед комуњар. Двајцата се забегани по политиката и затоа ќе влезат во овој пасус од приказнава. Со двајцата комуницирам одлично и двајцата ги сакам подеднакво. Не знам кој од нив е подобар или полош човек, но и двајцата си ја сакаат својата земја подеднакво. Едниот е бранител од конфликтот во 2001 а вториот е донатор и помагач на градењето на многу наши духовни, христијански светилишта. Едниот од навива за Вардар а другиот за Пелистер. Заедно одат на стадион  во сала кога игра Македонија и двајцата тогаш  облекуваат ист дрес. Двајцата братучеди имаат ист светец како домашна слава. И двајцата имаат оформено семејство и своите деца ги воспитуваат во македонски дух. Сеуште не им е во планот да ја збришат од овде. Инвестираат во своите домови и во своите дворови. Може ли некој од вас да  препознае кој е вмро-овецот а кој е комуњарот у приказнава? Да не ги познавав лично, немаше да ги препознаам ниту јас.
Затоа нека престанат да ни ги продаваат приказните дека едните си ја сакаат земјата повеќе од другите. И двете струи со гласачко тело тежат приближно еден милион луѓе. Не верувам дека некој од тие и посакува нешто лошо на својата татковина.
Доста ни е од израмнувањето на државата со партијата. Доста ни е од приказните дека едните го чуваат името а другите би го шитнале за два дена. Доста ни е од приказните дека ако пропадне една политичка елита ќе пропадне и државата. Доста ни е од тоа постојано бранење од некои си внатрешни и надворешни непријатели и држење на народот во психоза на војна! Доста ни е од тој гнасен вокабулар каде секој втор збор е граѓанска војна! Не господа! Вие сте таргет а не државата и затоа не ја ставајте цела држава во залог за да излезете од оваа каша која ја сваривте вие, а не обичните смртници.
Предавници, предавници и предавници! Од каде се накотија бре толку во овие последни неколку години? Од кога собравме толку омраза во себе за да зборуваме за бетонски плочи и за геноцид кон политичките неистомислениците! Бетонски плочи може да има само за оние џукели кои живеат од продавање лаги и кои работат на раскарување на луѓето, внесуваат страв и неизвесност во нивните животи. Бетонски плочи и да ги кршат со токмак од сабајле до вечер. Ако е тоа единствен безболен начин да се исфрли омразата од нив, да!
Ова не е битка на живот и смрт господа. Доста ни е од такви битки! Ние немаме потреба да ја предизвикаме црната судбина на цела генерација Македонци, затоа што во прашање се само неколку политички кариери. И ништо повеќе од тоа. Подобро е да згаснат тие кариери отколку да згаснеме ние како народ! Ние немаме ама баш никаква потреба да се закрвиме засекогаш, само за да се спасат неколку политички кариери. Фала многу и пријатно!

НАПИША: БУЛЕВАРКО

- Реклама -