„Донорот“ е човек со име и презиме, хероина која направи дури и докторите да ѝ се поклонат (ФОТО)

Министерот Венко Филипче во посета на пациентот кому му беше трансплантирано срце.

Денеска Македонија ја разбуди преубава вест. Во услови на пандемија, македонските доктори и хирурзи ја извршија првата трансплантација на срце, давајќи му втора шанса за живот на 54-годишен пациент.

Се разбира, тоа немаше да биде возможно доколку не беше хуманоста на донорот и неговото семејство. А тој „донор“ не е некаков магичен, далечен од нас ентитет, туку, за жал, е млада пациентка со име и презиме, која прерано го напушти светов. Тој „донор“ има и свој сопруг и две прекрасни деца, кои заеднички ја донесоа одлуката. На тоа потсети и д-р Филип Ѓоршевски, на Фејсбук, истакнувајќи ја големината на овој чин:

„По успешната трансплантација на неговото донирано срце, во моментов на Клиниката за урологија се врши трансплантација и на неговите донирани бубрези.

Тој човек не е ‘донор’, туку личност со големо ИМЕ и ПРЕЗИМЕ, кој направи похуман чин од сите политичари и декларирани добротвори во последните 30 години ЗАЕДНО.

Ваквите луѓе се вистински светци и поради нив сѐ уште живее вербата во хуманизмот и човештвото. Наклон!“, напиша тој, споделувајќи моќна фотографија (додуша од кинеска болница) на која докторите со длабок поклон му се заблагодаруваат на донор на opгани.

Големината на овој успех ја доловува и постот Кристијан Бундовски од Клиничкиот центар „Мајка Тереза“:

„Доцна во ноќта додека градот спиеше, во 02:43 часот зачука срце… Во Република Македонија, на Универзитетската Клиника за Државна Кардиохирургија, се направи ПРВА ТРАНСПЛАНТАЦИЈА на СРЦЕ!!

Вредните раце и паметните глави на нашите врвни стручњаци на чело со Проф. Др. Сашко Јовев, во оваа вонредна состојба направија чудо. Испишаа историја! Во услови на пандемија, во услови на страв, во услови на безнадежност, победи хуманоста и љубовта. Победи цената за сите оние непреспиени ноќи над книга, победи секоја солза и тага за загубен живот, победи вистинска посветеност, да се биде! Хируршкиот тим со извонредна професионалност, прецизност и внимание го изведе ова ремек дело, a кога би ги претвориле сите оние милиметарски потези во ноти, во операционата сала број 2, оваа ноќ свиреше симфонијата ‘Живот’ !“, напиша Бундовски.

Важноста на операцијата ја потенцираше и министерот Филипче, доцна синоќа:

„Вечерва останувам на кардиохирургија во поддршка на моите колеги. Ова е голем чекор за државната кардиохирургија и за нашето јавно здравство. Ова е тешка и ризична интервенција. Верувам во стручноста и експертизата на овој тим и им посакувам многу среќа и успешна операција. Сакам лично да се заблагодарам на семејството кое ја даде согласноста, тие покажаа што значи алтруизам во вистинска смисла на зборот“, порача тој.

- Реклама -