Најголемите ѕвезди на Доминиканската Република, Ал Хорфорд и Џек Мартинез се оптимисти дека оваа селекција ќе успее да слави во вечерашната пресметка со македонскиот национален тим.
По поразот од Русија, од којшто двајцата едногласно тврдат дека се извлечени многу поуки, и Хорфорд и Мартинез се убедени дека доколку Доминиканската Република одигра во рамките на своите можности, оваа селекција ќе биде патникот во полуфиналето од предолимпискиот турнир во Венецуела.
„Доколку не верував дека можеме да ја победиме Македонија, воопшто немаше да играм кошарка. Имаме силен состав со којшто можеме да се носиме со секого, ги воочивме грешките што ги направивме против Русија и сигурно нема да ги повториме. Најважно е да ја поставиме добро одбраната, да не му дозволиме лесни поени на противникот. Доколку го сториме тоа, ќе немаме проблеми да стигнеме до победата“ изјави Ал Хорфорд, од кого ќе доаѓа најголемата опасност по нашиот кош.
Сличен е ставот и на Џек Мартинез, кој и покрај височината од скромни 201 сантиметар импресионира со својата физичка сила, што му овозможува да се упатува во рекетот и да се бори и со далеку повисоките противнички кошаркари.
„Имаме навистина силна репрезентација, која преполна со самодоверба отпатува на овој предолимписки турнир. Се наоѓаме на две победи до остварување на големиот сон и ќе дадеме сè од себе вечерва да ја совладаме Македонија. Најискрено верувам дека имаме квалитет за такво нешто, ветувам дека ќе гинеме за секоја топка и дека ќе дадеме сè од себе за да ја израдуваме нацијата“ истакна Мартинез.
На нашите кошаркари им преостанува да ги убедат овие две кошаркарски ѕвезди во спротивното, да одиграат најдобро што знаат и да ја израдуваат целата македонска јавност со нова историска спортска победа.