Не е потребно да имате фетиш за стапала за да им посветите подеднаква нега како и на останатите делови од телови, посебно во летната сезона во која тие се најразголени.
Сигурно веќе наголемо им дозволивте на нозете да дишат во отворени сандали, апостолки и модерни римјанки, но дали им посветивте доволно време на стапалата и им направите целосен третман? Нема ништо полошо од комбинацијата од убава сандала и несредено женско стапало, затоа практикувајте домашен педикир најмалку еднаш неделно.
Започнете со купка во легенче во кое покрај вода, ќе ставите и крупна морска сол и неколку лажици маслиново масло. Солта делумно ќе ја отстрани задебелената кожа, а маслото ќе ги омекне вашите стапала. Нозете држете ги во топлата вода најмалку десет минути, а потоа третирајте ги со камен, со кој целосно ќе се ослободите од грубата кожа.
Истурпирајте ги ноктите и намачкајте ги стапалата со богат слој крем за стапала, или обичен крем за многу сува кожа. Потоа стапалата завиткајте ги во пластични ќесиња и врз нив облечете чорапи. Оставете ги така најмалку два часа, а откако ќе ги извадите чорапите и ќесињата, кремот ќе биде впиен, а вашата кожа свиленкасто мека.
Налакирајте ги ноктите со некој весел и смел лак за нокти и подготвени сте да ги импресионирате сите со вашите нови сандали и совршени стапала. Најдобро е да нанесете лак за нокти во два слоја, но почекајте првиот да биде добро исушен пред да го нанесете вториот. Така лакот ќе трае подолго.