37
Кофеинот влијае на зголеменото отчукување на срцето и крвниот притисок, а со тоа и на крвните садови и работата на срцето. Големите количини на кофеин во подолг временски период неизбежно доведуваат до потенцијални срцеви проблеми и нарушувања. Научното истражување на д-р Ненси Кагатар наведува дека редовното пиење повеќе од четири шолји кафе дневно може да го зголеми ризикот од смртоносни болести на срцето, пишува „Дејли мејл“.
– Поради неговото влијание врз автономниот нервен систем, секојдневното консумирање кофеин може да ги доведе инаку здравите личности во опасност од хипертензија (висок крвен притисок) и други кардиоваскуларни проблеми – рекла авторката на студијата, д-р Ненси Кагатар.
Таа и тим од индиски научници дошле до овие заклучоци проучувајќи 92 луѓе со здрави срца.
Тие ги тестирале отчукувањата на срцето и крвниот притисок на секој поединец пред и по извршувањето на триминутната кардио вежба, а ги забележале и податоците за демографијата и употребата на кофеинот, вклучително и дали испитаниците вообичаено пијат кафе, чај или безалкохолни пијалаци. Речиси 20 отсто од учесниците консумирале повеќе од 400 милиграми кофеин секој ден, што е еквивалент на два енергетски пијалаци, околу девет шолји црн чај или 11 газирани пијалаци со кофеин.
Луѓето што консумирале повеќе од 400 милиграми кофеин дневно имале значително поголема веројатност да имаат зголемен крвен притисок и поголем број отчукувања дури и по завршувањето на вежбањето.
– Зголемувањето на свеста за ризиците е клучно за подобрување на здравјето на срцето за сите – рекла Кагатара.
Големи количини на кофеин консумирале жени од урбани средини кои работеле во деловно опкружување.
Во кратки налети, висок крвен притисок е безопасен, но постојаниот висок притисок ги оптоварува крвните садови и срцевите мускули. Ова може да доведе до срцев удар, мозочен удар, проблеми со бубрезите, васкуларна деменција и проблеми со очите. Хронично високиот број на отчукувања на срцето може да предизвика слични компликации.
Кофеинот дејствува така што привремено ги блокира рецепторите во вашиот мозок кои го регулираат сонот, меморијата, вниманието и учењето, што го зголемува протокот на кислород во мозокот, ја забрзува работата на срцето и ја подобрува концентрацијата, што заедно може да помогне да се чувствувате побудни.
Постарите истражувања ја поддржуваат идејата дека умереното консумирање на пијалаци со кофеин не е штетно и дека пиењето мала количина чај дневно помага за здравјето на цревата и го намалува ризикот од срцеви болести. Некои истражувања сугерираат и дека консумирањето умерени количини кафе на ден може да им помогне на луѓето кои работат во канцеларии да живеат подолго.
Во заклучокот, како и во случајот со енергетските пијалаци со висок процент на кофеин и шеќер, прекумерната употреба на кофеин во подолг временски период, во зависност од општата здравствена состојба на поединецот, може негативно да влијае на кардиоваскуларниот систем и на здравјето на срцето.
Всушност, ако испиете повеќе од 5.000 мг кофеин, кофеинот може да биде фатален, според Центарот за болести од зависности и менталното здравје.