Светската здравствена организација ги предупреди светските лидери дека нема докази што би ги поткрепиле изјавите дека коронавирусот SARS-CoV-2 „губи потентност“. Од СЗО порачуваат дека вирусот што ја предизвикува болеста Ковид-19 сѐ уште е „вирус убиец“ и дека луѓе секојдневно сѐ уште умираат од него.
„Мораме да сме исклучително внимателни да не создадеме мислење дека одеднаш вирусот решил да биде помалку патоген. Тоа воопшто не е случај“, рече д-р Мајк Рајан – директорот на СЗО за итни ситуации, на прес-конференција во Женева.
Предупредувањето од експертите на СЗО следува откако италијанските но и светски медиуми пренесоа изјаваи на реномирани доктори во Италија според кои коронавирусот „клинички веќе не постои во земјата“, но и дека предизвикува полесна клиничка слика од претходно:
„Пред еден месец слушнавме како епидемиолозите стравуваат од нов бран кон крајот на мај и почетокот на јуни и од огромен број пополнети места на одделенијата за интензивна нега. Во реалноста, вирусот – клинички гледано, повеќе не постои. Брисовите земени во текот на последните 10 дена покажуваат незначително мало количество на вирусот во однос на брисовите земени пред месец или два“, изјави Алберто Зангрило, директор на интензивна нега во болницата „Сан Рафаеле“ во Милано во епицентарот на епидемијата во Италија – Ломбардија, но и долгогодишен личен лекар на поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони.
„Новиот коронавирус сега може да е поинаков. Моќта којашто овој вирус ја имаше пред два месеца не е иста како денес. Очигледно е дека денес болеста Covid-19 е поинаква, клиничката слика и текот на болеста многу се поблаги“, оцени, пак, Матео Басети – директор на Клиниката за заразни болести во Џенова за италијанската новинска агенција ANSA.
Сепак, епидемиологот Марија Ван Керхов – директор на одделот на СЗО за болести во подем и зоонози, како и неколку други експерти за вируси и заразни болести, потенцираат дека изјавите дека вирусот губи потентност не се научно издржани:
„Нема податоци што покажуваат дека новиот коронавирус значително се менува, ниту во начинот на пренесување, ниту во сериозноста на болеста што ја предизвикува“, рече Керхов, додавајќи дека приоритет остануваат мерките што владите можат да ги преземат за да ја намалат трансмисијата на вирусот – како идентификација, тестирање и изолирање на Ковид-19 заразените:
„Ако го пуштиме вирусот, тој ќе се пренесува. Ако го пуштиме тоа да го прави, ќе заразува луѓе и ќе предизвика сериозна болест кај околу 20% од луѓето. Вирусот исто така може различно да ги афектира луѓето и предизвикува низа болести конзистентно ширум планетата. Има репродуктивен број R над 2, што значи дека вирусот ќе ‘полета’ ако му дозволиме“.
Не е чудно за вирусите да мутираат и да се адаптираат додека се шират. Но дека SARS-CoV-2 не го прави тоа во насока да стане помалку опасен, смета и Мартин Хиберд – експерт и професор за заразни болести во подем на лондонската Школа за хигиена и тропска медицина. Тој потенцира дека обемните студии кои ги следат генетските промени во SARS-CoV-2 не ја поддржуваат идејата дека вирусот станува „поблаг“:
„Со податоци од повеќе од 35.000 вирусни геноми, во моментов нема докази дека постои било каква значителна промена во однос на сериозноста на вирусот“, вели тој.
Зангрило, пак, кој изјави дека е спремен да го вложи своето име зад тврдењето, вели дека неговите коментари се поддржани од студија што ја прави негов колега научник – Масимо Клементи, која ќе биде објавена следната недела. За „Ројтерс“ тој истакна:
„Никогаш не рековме дека вирусот се сменил, рековме дека интеракцијата меѓу вирусот и домаќинот е дефинитивно променета“.
Според него, тоа може да е резултат или на различни карактеристики на вирусот, кои, истакна, сѐ уште не се идентификувани, или на различни карактеристики кај тие што се заразени.
Студијата на Клементи, кој е директор на лабораторијата за микробиологија и вирологија во болницата „Сан Рафаеле“, споредува примероци од вирусот од Ковид-19 пациентите во миланската болница земени во март, со примероци од пациентите во мај.
„Резултатите се недвосмислени: Има екстремно значителна разлика меѓу вирусната количина на пациентите во март споредено со оние хоспитализирани минатиот месец“, рече Зангрило.
Но, и експертите од повеќе американски унивезитети (Johns Hopkins University, Wake Forest Baptist Medical Centre, George Washington University и Northwell Health) велат дека не се наишле на докази што покажуваат дека вирусот се променил:
„Тезата на италијанскиот доктор е потенцијално опасна бидејќи дава лажна утеха што не е базирана на докази“, вели Лина Вен – професор на Универзитетот „Џорџ Вашингтон“. „Нема научни докази за промена во коронавирусот. Тоа е високопренослива и високозаразна болест. Мораме да го чуваме гардот кренат исто како и досега“.
Според Worldometers, до моментов во светот се регистрирани близу 6.5 милиони случаи, односно 6.424.308 заразени. Регистрирани се близу 380 илјади починати (379.419), а оздравени се речиси 3 милиони (2.943.185).