Дојче Веле: Со новата партиска програма, ЦДУ се дистанцира од идејата дека исламот е составен дел на Германија

Со новата основна партиска програма, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), најголемата конзервативна партија во Германија, се дистанцираше од идејата дека исламот е составен дел на Германија, што ги налути муслиманските организации во земјата.

„Муслиманите, кои ги споделуваат нашите вредности, припаѓаат во Германија. Секој што сака да живее тука мора без двоумење да ја препознае нашата водечка култура“, се наведува во нацрт-програмата на ЦДУ, пренесува Дојче веле.

Во новата програма на партијата се додава дека во „водечката култура“ спаѓаат почитувањето на достоинството на секој човек, основни права на човекот и човековите права, владеење на правото, како и правото на Израел на постоење.

„Само оној кој ја признава нашата водечка култура може да се интегрира и да стане германски државјанин“, нагласуваат од ЦДУ.

Демохристијаните, не така одамна, не сметаа дека е потребен таков список на ограничувања и услови.

„Исламот припаѓа овде бидејќи имаме милиони муслимани овде“, изјави поранешната германска канцеларка Ангела Меркел во 2015 година, која тогаш беше и шеф на ЦДУ.

Прочитајте и:  САД му испорачуваат на Израел дополнителни 12 ловци Ф-15

Новата ориентација на демохристијаните предизвика остра реакција кај муслиманските здруженија. Претседателот на Централниот совет на муслиманите во Германија, Ајман Мажјек, во интервју за неделникот „Штерн“ ги обвини германските демохристијани дека ловат гласови од екстремниот десен спектар, наведувајќи дека не е добро демохристијаните да ја имитираат Алтернатива за Германија (AfD), бидејќи гласачите потоа ќе претпочитаат да го изберат оригиналот место копијата.

Централниот совет на муслиманите претставува 20.000 муслимански домаќинства во Германија.

Бурхан Касиди, претседател на Исламскиот совет, кој обединува 400 џамиски заедници во Германија, изјави дека „таквите дискусии отуѓуваат и доведуваат до конфузија“.

„За какви вредности зборуваме овде“, праша тој, додавајќи дека текстот на нацртот сугерира дека „муслиманите ги отфрлаат вредностите во Германија.“

Студијата на Германската исламска конференција покажува дека во земјата живеат меѓу 5.5 и 5.6 милиони муслимани, што е помеѓу 6.4 и 6.7 отсто од вкупното население на Германија, кое брои 83 милиони жители.

МИА

- Реклама -