Ирена Мулачка, Миомир Серафиновиќ, Снежана Лупевска Созен, Александар Методијев и Сузана Мицева се новинарите кои ги добија годинешните награди од ЕУ за истражувачко новинарство во Македонија
Сторијата „Скандал Онкологија“ на авторот Ирена Мулачка е добитник на првата награда од ЕУ за истражувачко новинарство во Македонија.
Втората награда им припадна на новинарите Миомир Серафиновиќ и Снежана Лупевска Созен за сторијата „Семејно стебло Зајас, Соравиа, струја, дипломатија“ објавена во емисијата КОД на телевизија Телма.
Новинарите Александар Методијев и Сузана Мицева за сторијата „Кревките Шуми“ го добија признанието за третото место.
Наградите на добитниците им ги додели амбасадорот на Европската Унија во земјава, Михалис Рокас кој ја истакна посветеноста на ЕУ во поддршката на независното новинарство и слободата на медиумите во регионот.
„Новинарството ни треба за да функционира демократијата. Професионалното новинарство ни помага да се справиме со многу предизвици. Социјалните мрежи лесно креираат јавно мислење. Она што е потребно е да се обидеме да асистираме на професијата, да не кажам, да ги достигне ЕУ стандардите, туку да се осигураме новинарите да можат да работат на истражувања. Ова е можност да се покаже импактот на истражувачкото новинарство кое креира општествени промени и средина во која граѓаните ќе просперираат“,
рече Рокас.