Додека бега од полицијата, Нефи Усеини си отвори фирма во Битола

Ако нешто не може да му се оспори на советникот на ДУИ во Општина Охрид – Нефи Усеини, низ годиниве, тоа е дека му успевааат невозможни нешта што на друг не би му ни паднале на ум. Нефи е човекот кому му успеа истовремено да ниже кривични пријави и да не одлежи ни ден затвор, да го узурпира и истовремено да го советува Охрид, да гради дивоградби и да се пријавува да ги руши, да ти е другар а да ти се причини дека те тепал со пиштол

Но, низата продолжува, а овојпат сме сведоци на неговите мултитаскинг вештини, кои впрочем се веројатно и клучниот фактор за сето наведено погоре. Имено, додека Усеини е шести ден во бегство и баран од полицијата, откако судот во Охрид му нему и на неговиот брат им одреди 8-дневен притвор поради „насилство“ и „поседување на оружје и распрскувачки материјали“, тој успеал да си отвори фирма во Битола.

Како што пренесува ИРЛ (Истражувачко репортерска лабораторија), се работи за „Бетон 2020 Н&О ДОО Битола“, која е партнерска фирма со битолчанецот Оливер Тиловски, додека Нефи Усеини е нејзин управител (погледнете ТУКА).

И додека обвинителството и полицијата се во потрага по браќата Усеини за нападот на Топалоски, за нив сѐ уште нема распишано централна или меѓународна потерница. Од МВР за „Канал 5“ уверуваат дека напорно работат да ги пронајдат, а Обвинителството дека работи на сослушувања.

Според Љубомир Ѓурчевски – поранешен началник во МВР, судот, кога веќе определил притвор, требало веднаш да потпише наредба за потерница, пренесува „Фактор“.

 

 

- Реклама -