До LEGO инвалидска количка ли стигнавме?

618x420[1]

По години и години поминати во производство на пиратски бродови, тркачки автомобили и замоци со духови, LEGO излезе на пазарот со сосема нов производ – момче во инвалидска количка. Дали заради јавните притисоци за производство на играчки „кои се блиски до реалноста“ или заради поголемите социјални ангажмани на корпоративна политика, LEGO ја презентираше играчката на Меѓународниот саем на играчките во Германија и веднаш осамна во центарот на медиумските рефлектори.

Сé ова се случи само еден ден откако компанијата Mattel, која ги произведува куклите Barbie и е главен конкурент на LEGO, најави дека „Барби“ веќе се нуди во четири форми – стандардна, „малечка“, „висока“ и „со облини“. Исто така, легендарната кукла сега може да се најде во седум бои на кожата, 18 бои на очите и 18 фризури.

barbie_2016fashion_2661745a[1]

Се разбира, усвојувањето на поинаквоста и различноста е знак за учтивост, белег за култура и возвишеност на духот. Важно е уште од мали да ги воспитуваме децата кон толеранција и разбирање за другите полови, бои, раси, култури, религии, здравствени статуси итн. Но, вештачкиот наплив на апели кон толеранција и претераната политичка коректност може да има и негативни последици.

На прв поглед, овие постапки на двата производитела на играчки си личат – и двата имаат за цел доближување на детето до реалноста. Ама ако се погледне малку повнимателно, почнуваат да се наѕираат разликите. Крајно време беше барбиките да излезат од стереотипот на анорексични, русокоси убавици и да стане јасно дека не секоја жена има метар и пол нозе, 40 см околу половината и мазна, руса коса. Во полничките или пониските кукли нема ништо лошо, бидејќи реалните женски тела се убави сами по себе, а вештачки наметнатите естетски норми подлежат на промени и се само производ на времето.

Што се однесува до играчките со хендикеп, пак, нештата не се толку едноставни. Воведувањето на новата играчка доби позитивен одек во речиси сите општествени кругови – на возрасните. Зрелиот, цивилизиран и интелигентен човек знае дека обесправените треба да бидат интегрирани во општеството по најбезболен и најефикасен начин и тоа е неспорно. А сепак, повеќето од тие возрасни луѓе свртуваат поглед при глетка на просјак без нозе. Уште еднаш, зборуваме за нас, возрасните. Поентата е што во стремежот кон разбирање и толеранција, возрасните можат да згрешат во проценката околу тоа што се случува во детската психа (при играње со една ваква играчка), која значително се разликува од изградената психа на возрасниот човек.

Boy-playing-with-toy-car[1]

Играта е важен процес при растењето, процес при кој детето совладува тешкотии и почнува да ги разбира нештата од животот и светот. Сепак, до моментот кога детето стигнува во пубертетот, границите меѓу реалноста и играта се нејасно исцртани и недоформирани, па често се случува одредени случки или ликови да прескокнат од едниот во другиот свет, и обратно – процес кој е значаен, но и ризичен. Тоа јасно се гледа во работата со деца кои преживеале психолошки трауми. Било кој психолог од оние што работат со децата-бегалци, на пример, ќе потврди дека постои нагласена тенденција кај децата кои ги изгубиле своите родители по насилен пат, да рекреираат сцени од она на што биле сведоци, преку играта. На пример, ако нивниот татко бил убиен со оружје, тие земаат „оружје“ и ги „убиваат“ другите деца. Ова се случува во рамките на т.н. „трауматска игра“, која има терапевтски ефект, но секогаш е извршена под супервизија на психолог.

Во таа смисла, колку и фино да звучи чекорот на LEGO и производителите на играчки кои истото ќе го направат во иднина, тие се несериозни и неодговорни во контекст на кревкоста на детската психа и нејзината непредвидливост. Колку и да е важна, различноста треба да се впишува во младите глави исклучиво под контрола на возрасните. Ако едно дете налета на играчка која претставува дете со хендикеп, тоа може да се вреже во неговата психа на неочекуван начин, создавајќи плодна почва за фобии, стравови и погрешни ставови. Како што страшните филмови кај децата предизвикуваат фантазии кои можат да ја нарушат нивната психичка рамнотежа, така и играчките со хендикеп можат да разбудат кај нив стравови, за кои ниту еден зрел човек не би се сетил. Споредбата е груба, бидејќи злите ликови од филмовите се лоши, а лицата со попреченост не се, но уште еднаш – ова е јасно и разбирливо за возрасниот човек, но не и за детето. Можеби играчката е наменета за да биде користена под надзор на родител (веројатно не е), ама зарем таквото очекување е реално во време кога родителите имаат милион обврски и едвај им останува време за своите деца?

Уште повеќе – да не заборавиме дека играчките, како такви, за разлика од играта, не ја поседуваат моќта што им се припишува. Децата имаат потреба од зборови и смисла, а не од форми. Дури и еден обичен партал може да биде најубавата играчка во очите на некое дете, во зависност од контекстот кој ќе му биде даден. Формата на играчката нема никакво значење. Имаат значење зборовите зад неа и значењето што овие зборови го носат за сите свесни и несвесни референтни точки.

Да се зборува со децата за разликите меѓу луѓето е од суштинско значење. Да им се даваат играчки со инвалидски колички, акни и исечени екстремитети може да е трауматично. На крај краева, до таму ли стигнавме? A телевизијата? А интернетот? А поп музиката и Дизни и Холивуд што промовираат совршена физичка убавина? Малите девојчиња сакаат да бидат Елса од „Frozen“ или Ријана. А каде се лицата со инвалидитет?

- Реклама -