ДКСК ја проширува иницијативата до ОЈО ГОКК за сомнежи за несовесно работење и злоупотреба на службена положба од поранешни раководни лица на АД ЕСМ

Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) утврдила состојби од кои произлегуваат сомнежи за несовесно работење, искористување и злоупотреба на службена положба и овластување од страна на поранешни раководни лица на АД ЕСМ Скопје и од други службени лица вработени во АД ЕСМ. Сомнежите се за даночно затајување преку дампинг практики, трансфер на цени на штета на буџетот на АД ЕСМ и Буџетот.

ДКСК на денешната 99-та седница донесе одлука претходната иницијартива до ОЈО ГОКК да се дополни и истата да биде доставена и до РКЕ, Комисијата за заштита на конкуренција, УЈП и Управата за финансиска полиција.

Членот на ДКСК, Горан Трпеноски рече дека ова произлегло по предметот оформен по сопствена иницијатива по јавно изнесени наводи за сомнеж за незаконска набавки на мазут од АД ЕСМ за потребите на ТЕЦ Неготино за време на енергетската криза.

– Затоа ова е дополнение на иницијативата за мазутот, ова е за продажбата на домашните вишоци на струја. По доставената документација пред ДКСК се отворија сомнежи за несоодветно планирање на производство на електрична енергија од страна на АД ЕСМ со што резултира остварување корист од други приватни субјекти. Со други зборови, ДКСК се сомнева дека производството резултира со обезбедување корист на приватни трговски конзументи преку дампинг пракса и трансфер на цената на електричната енергија на начин така што врз Буџетот се создава штета по основ на евазија на данок на добивка и данок на ДДВ, заради трансферната цена на товар на ЕСМ, со загуба поради несоодветно планирање на производството на електрична енергија, појасни Трпеновски.

Затоа, рече Трпеновски, предлагам претходната иницијатива да се дополни со одлука:

– ДКСК утврди состојби од кои произлегуваат сомнежи за несовесно работење, искористување и злоупотреба на службена положба и овластување од страна на поранешни раководни лица на АД ЕСМ Скопје и од други службени лица вработени во АД ЕСМ, на начин така што се отвораат сомнежи за даночно затајување преку дампинг практики, трансфер на цени на штета на Буџетот на АД ЕСМ и Буџетот. Затоа предлагам да се дополни иницијативата до ОЈО ГОКК за сите инволвирани во случајот, потоа да се достави и до сите институции кои имаат надлежност, како што е РКЕ, Комисијата за заштита на конкуренција, УЈП и Управата за финансиска полиција, изјави Трпеновски.

Прочитајте и:  Мицкоски: Ќе направиме се струјата да не поскапи, во најлош случај ќе биде за 3 отсто во третиот и четвртиот блок

ДКСК, исто така, препорачува до Владата, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за економија да се разгледаат и да се усогласи законската регулатива од областа на енергетиката која целосно ја игнорира заштитата на животната средина.

Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, рече дека анализата произлегува од предмет отворен по новинарски текст „Мали хидроцентрали, големи тајни“ кој се однесува на субвенциите кои се исплаќаат за произведена електрична енергија по повластена тарифа од малите хидроцентрали.

– Во периодот кога требал да се подготви и донесе Законот за енергетика за претставници на Владата биле назначени министерот Крешник Бектеши, заменик министерот за економија Кире Наумов, за повереници биле назначени Зоран Павлевски, државен секретар во Министерство за економија и Исмаил Лума, раководител во секторот за министерство, но, иако немал овластување во целиот процес учествувал и заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања во тој период Кочо Анѓушев, изјави Ивановска.

Со тоа, според Ивановска, на некој начин може да се каже дека при донесување на Законот за енергетика, како што рече, има ризици дека преовладувал личниот интерес над јавниот интерес, имајќи предвид дека истото во тој период службено лице се бавело и со фирми кои учествувале на пазарот на струја.

Сите слабости во националната регулатива од областа на енергетиката (како немање обврска на инвеститорот да обезбеди елаборат за заштита на животната средина или формирање на Фонд за заштита на животната срдина), а кои се утврдени во анализата, Ивановска посочи дека ќе бидат сумирани и доставени до надлежните институции.

- Реклама -