Дисциплинска постапка за полицаецот што му удри шамар на граѓанин, но и „укажувања“ за неносење маска

Против полицаецот кој беше снимен на „Партизанска“ како му удира шамар на млад граѓанин, поведена е дисциплинска постапка, информираат од МВР.

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, по добиениот видео запис, утврдил дека полицискиот службеник Љ.П. постапил спротивно на Правилата и прописите, за што е поведена постапка за утврдување на дисциплинска одговорност согласно член 225 а во врска со член 208 став 1 точка 4, 10 и 14 од КД на МВР.

Како што стои во соопштението, полицискиот службеник, на 6 јули во 16:30 часот, при вршење на редовна служба, запрел возач со патничко возило марка „Јагуар“, кој претходно не ги почитувал сообраќајните правила и прописи. На возачот му бил издаден прекршочен платен налог и тогаш полицискиот службеник без основ го удрил граѓанинот.

Како што информираат од МВР, против тројцата полициски службеници е изречена и мерка укажување согласно член 207 став 1 и алинеја 1 од КД на МВР, бидејќи не носеле заштитни маски.

За извршените проверки ќе биде доставено известување до надлежното јавно обвинителство за гонење на сторители на кривични дела на лица со полициски овластувања, додаваат од МВР.

- Реклама -