Димитровска: Нема притисоци од политичари врз ДКСК

Притисоци од политичари немаме. Ние сме независна институција и нема да дозволиме каква било форма на притисок, изјави деенска во Битола претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска.

Во изјава за медиумите Димитровска нагласи дека борбата против корупцијата не зависи само од една институција и потребно е заедничко дејствување.

-Борбата против корупцијата не зависи само од една институција. Максимално вложуваме напори за постапување по сите предмети и нивно процесуриање. Притисоци од политичари немаме. Ние сме независна институција и нема да дозволиме било каква форма на притисок, посочи Димитровска.

На новинарско прашање во врска со постапката и динамиката на оформениот предмет во ДКСК за условите за именување на директорот на Агенцијата за национална безбедност, Димитровска истакна дека во ДКСК секојдневно пристигнуваат дополнувања на пријавата со одредени сомневања.

Прочитајте и:  ДКСК: Пристигната е претставка против директорката на Агенцијата за разузнавање, препратена е на одлучување до претседателката Сиљановска Давкова

-Во ДКСК пристигната е пријава за сомневање за неисполнување на услови за именување на директорот на Агенција за национална безбедност и за истата е оформен предмет. Во тек е обезбедување на целокупната документација заради потврдување на фактичката состојба. Морам да истакнам дека по првата пријава секојдневно пристигнуваат дополнувања на пријавата со одредени сомневања за конкретните услови кои ги предвидува законот, и по утврдување на фактичката состојба ДКСК ќе донесе одлука на јавна седница, одговори Димитровска.

Претседателката на ДКСК Татјана Димитровска денеска во Битола учествуваше на промоција на „Антикорупциски караван“ организиран од Македонски центар за меѓународна соработка.

- Реклама -