Димитров: За мене лично ова беше прилично несреќна изјава на Закаријаш, но Лисабон изрази жалење и увери дека таа не го одразува ставот на Португалија

„Вчера и јас лично, но и МНР, вклучувајќи го и министерот, имавме многу контакти со Лисабон и со претставници на Португалија, односно португалското претседателство. Укажавме на оваа крајна несоодветност којашто, меѓу другото, е наведена во владината изјава. Добивме уверување дека изјавата апсолутно не го отсликува ставот на Лисабон којшто останува на линија на португалскиот предлог и беше изразено жалење во оваа смисла“, изјави вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, одговарајќи на новинарско прашање за изјавата на португалската дипломатка Ана Паула Закаријаш, која македонскиот јазик го нарече „северномакедонски“ и „некогаш дел од бугарскиот“.

Димитров, воедно, потсети и како и зошто воопшто јазикот е тема на разговор. Причината е, посочи тој, што во предлог преговарачката рамка што излезе од Европската комисија, во еден параграф се вели дека „целото европско законодавство ќе биде преведено на македонски јазик“ и дека „земјата ќе треба да има доволен број на преведувачи во моментот на зачленувањето“. Тој се надоврза дека досега имаме преведено некаде околу 70.000 страници од европското законодавство, а во моментов, преку Секретаријатот за европски прашања, се ревидира преводот на 16.000 страници и се работи на неколку илјади нови страници, нови преводи.

Димитров увери и дека прашањето на јазикот не е тема на преговори.

„Прашањето на македонскиот јазик за нас е клучно прашање. Нити имаме мандат за тоа воопшто да помислуваме да преговараме. Во Европа ќе влеземе само во делот на македонскиот народ, како Македонци кои зборуваат македонски јазик. И го задржуваме правото тоа да си го браниме достоинствено, без разлика на тоа на какви изјави ќе наидуваме денес или во иднина. За мене лично, ова беше прилично несреќна изјава“, рече вицепремиерот, откако претходно ја прочита изјавата на Владата за кажаното од Закаријаш.

Во однос на тоа што конкретно содржи португалскиот предлог, Димитров одговори со фокус на јазикот:

„Португалскиот предлог се потпира на предлог-преговарачката рамка што ја предложи ЕК, параграфот што го споменав околу македонскиот јазик да остане таков каков што е, со чиста формулација ‘македонски јазик’ и предвидува унилатерална изјава на Бугарија во однос на нивната позиција. Значи, пристапот на португалскиот предлог во однос на македонскиот јазик е ‘македонски јазик’ за ЕУ, со унилатерална изјава на бугарскиот став од страна на Бугарија. Тоа е португалскиот предлог“, категоричен е вицепремиерот.

- Реклама -