Димитров за EWB: Овој циклус на надеж па разочарување е ризичен и не помага

Фото: Секретаријат за европски прашања / Оливер Ацев

„Едно од најважните прашања за Северна Македонија по повеќекратните одложувања на нејзиниот евроинтеграциски процес, е како ќе продолжи – и со внатрешните реформи, и со обидите да се најде решение за спорот со Бугарија. Разочарувањето на македонските претставници на овогодишниот инаугурален Преспа форум за дијалог беше видливо – што следува?“, пишува European Western Balkans во воведот на интервјуто со вицепремиерот за европски прашања – Никола Димитров. Во интервјуто, тој предупредува дека најголемата опасност од разочарувањата од ЕУ ќе биде губење на довербата меѓу граѓаните во регионов.

Во продолжение го пренесуваме целото интервју:

EWB: За време на панел дискусијата на првиот ден од Форумот, бевте многу искрен, рековте дека постои огромен ризик дека граѓаните на Северна Македонија ќе изгубат доверба во процесот на интеграција во ЕУ. Како ова губење на довербата влијае на имплементацијата на неопходните реформи? Можно ли е да се имплементираат реформите кога луѓето губат доверба во пристапниот процес?

Димитров: Ова е многу важно прашање. Во многу аспекти, како што знаеме, реформите ги правиме за луѓето. Патот до воспоставување на европски начин на живот дома е преку реформи. И тоа е единствената одржлива алтернатива за одлевањето на мозоци и иселувањето на младите луѓе од регионот. Или ќе го направиме овој регион европски – во смисла на образование, здравство, еднакви можности, повеќе мериторност во однос на наоѓањето работа, добивањето на унапредување, повеќе правда, повеќе одговорност, повеќе слобода, или за луѓето идејата да ја напуштат својата татковина и да се преселат во ЕУ членка ќе биде попривлечна. Значи, во тоа е надежта.

Истовремено, големиот поттик, секако, е полноправно членство. Така што, гледано од многу аспекти, не мислам дека регионот има многу алтернативи освен да стане европски регион во поглед на стандардите дома. Од друга страна, пристапниот процес, доколку се користи соодветно, поддржан од политичка волја за промена и трансформација, е најдобрата реформска алатка на располагање.

Така што, ќе биде предизвик да се задржи мотивацијата на лидерите, на експертите, на државната администрација. Но, сметам дека иако земји членки како Бугарија, во нашиот случај, можат да стават вето на пристапувањето, не можат да стават вето на реформите. Мислам дека треба упорно да се држиме до тоа.

Нашата Влада неделава, во вторникот, ја усвои Националната програма за усвојување на правото на ЕУ 2021-2025 – што е најголемиот стратешки документ кој го имаме кога се работи за европеизацијата. Тоа се 800-900 страници, ги поставуваат целите, динамиката, ресурсите, во смисла на носење повеќе европски легислативи и стандарди во нашиот правен систем. Така што, сметам дека мораме да го следиме тоа. Имаме одговорност да се осигураме дека кога ќе се спомне Европската унија луѓето нема да се сетат само на проблемите, туку и на позитивните промени.

EWB: Кога го спомнувате усвојувањето на реформските програми од страна на Владата, ајде да бидеме оптимистични и да речеме дека спорот со Бугарија наскоро ќе биде разрешен, колку долго ссметате дека ќе биде потребно за Северна Македонија всушност да ги исполни сите формални критериуми за членство во ЕУ?

НД: Секогаш е ризично да се даваат прецизни проценски кога се работи за овој процес. Сметам дека, со високо ниво на амбиција и политички фокус и способна администрација, возможно е тоа да се направи во неколку години. Другиот дел од равенката е дали ЕУ е подготвена. Како што знаеме, некои земји сметаат дека паралелно треба да има и внатрешни реформи во Унијата. И делумно, целата оваа Конференција за иднината на Европа е поврзана со таа амбиција – за ЕУ да се промени од внатре. Но овие два процеса треба да се сретнат во некоја точка – процесот на европеизација на Балканот и процесот на внатрешни реформи на Унијата. Ако сите ние преземеме одговорност – регионот, земјите членки и институциите во Брисел, мислам дека тоа е остварливо.

EWB: Ја споменавте Конференцијата за иднината на Европа. Како ви изгледа во моментов? Сметате ли дека ќе ги постигне внатрешните ЕУ реформи кои исто така би овозможиле и побрза перспектива за членство на Западен Балкан? Сметате ли дека Конференцијата ќе има значителен импакт врз ЕУ?

НД: Се надевам дека да. Тоа е демократска вежба. Вклучувањето на што повеќе Европејци во овие дискусии е дефинитивно добра работа. Не мислам дека ќе биде лесно оваа голема платформа политички да се преточи во конкретни чекори. Ќе видиме како тоа ќе се одвива.

Сметам дека регионот треба да биде повеќе вклучен во оваа Конференција, бидејќи не се однесува само за ЕУ, туку за Европа. Ние дефинитивно сме Европа. И ако Европа е сериозна околу европската перспектива, што постојано се нагласува во толку многу документи од големото ветување во Солун во 2003 година па наваму, тогаш нашиот регион дефинитивно треба да биде дел од оваа дебата. Бидејќи се приближуваме до мета во движење – ЕУ која самата се менува.

EWB: Претседателот на Словенија – Борут Пахор, денеска (2 јули) рече дека Словенечкото претседателство, Владата и тој лично како претседател, ќе направат напори да ја убедат Бугарија да го крене ветото за Северна Македонија и Албанија. Дали сметате дека ова Претседателство ќе биде успешно во овие напори? Дали можат да се надоврзат на Португалското претседателство и нивните напори во медијацијата?

НД: Досега имавме две претседателства по ред кои се обидуваа да го решат овој проблем и практично да испорачаат кон регионот – Германското и Португалското претседателство. Не мислам дека Словенечкото претседателство ќе почне од нула, сметам дека имаме добри идеи во форма на Португалскиот предлог. Ние исто така имавме и интензивни дискусии билатерално со Софија за да оформиме патоказ, кој е елемент во целиот овој пакет. Мислам дека ако има добра волја, ако биде препознаено дека „статус кво“-то, ќорсокакот предизвикува штета… последните анкети покажуваат дека има многу негативен импакт врз гледиштето на македонските граѓани кон Бугарија. Над 40% го гледаат како голем проблем, ќе има анимозитет… и мислам дека ова е (lose-lose) динамика на двоен пораз. Така што, со политичка волја и лидерство, мислам дека можеме да најдеме европско решение кое ќе биде добро за македонско-бугарското пријателство, оттаму и добро за Европското ветување за регионот, и дефинитивно добро за Северна Македонија и Албанија.

Но, има „ако“, бидејќи направивме многу, работевме напорно, но не можеме навистина да преговараме за тоа кои сме и кој јазик го зборуваме. За Македонците во Северна Македонија, ние сме Македонци кои зборуваат македонски јазик и, искрено, ако тоа е пречка за почеток на пристапните преговори, јас немам против да не започнат преговорите.

Тоа ја прави ЕУ помалку европска. Една од суштинските вредности на ЕУ е културниот и лингвистички диверзитет на континентот. Се работи за достоинството на нашиот народ. Се работи за правото на самоопределување. Така што, доведувањето под прашање на јазикот дефинитивно не е инвестиција во добрососедски односи.

EWB: Видовме дека дури и САД ја искажаа својата поддршка за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија и дека дури и тоа не беше доволно за тие да започнат минатиот месец. Сметате ли дека САД направија доволно да ја убедат Бугарија да го тргне ветото? Дали очекувате повеќе помош од САД на овој фронт во иднина?

НД: Сметам дека влоговите се големи. За нас е добредојдена вклученоста на САД во регионот, како и конкретно во ова прашање, за да ни помогне со нашата европска иднина. Во таквата визија – Европа цела и слободна, стабилна и просперитетна, мислам дека споделуваме геополитички интерес. Рационално гледано, Бугарија исто така е дел од ова. Во нормални услови, нашите соседи би требало да се наши најголеми промотори. И ова чувство на заедништво кое што постепено се шири во регионот мораме да го одржиме и надградуваме.

Преспанскиот договор беше пофален од целиот демократски свет. Од „модел за регионот“ до „голем европски успех“ и „триумф на дипломатијата“… користам цитати од европските лидери. За да имаат смисла, овие големи зборови треба да бидат поддржани со дела, при што европските ветувања исто така ќе бидат испорачани. Бидејќи одењето низ овој циклус од надеж и разочарување е ризично и не помага.

Мислам дека сите имаме влог – ние имаме влог, регионот, Бугарија, Европа, го имаме овој голем интерес на САД… или ќе имаме (win-win-win) тројна победа, или ќе имаме троен пораз. Па, да видиме како следната бугарска Влада ќе реши да постапи во овој контекст.

- Реклама -