„Ако сакаме да бидеме здрава нација, треба да обезбедиме соодветна инфраструктура за велосипедите“ – порача актуелниот министер за надворешни работи Никола Димитров, носител на листа во изборната единица 1 на коалицијата „Можеме“, кој утрово заедно со ко-носителката Мила Царовска предводеа колона велосипедисти од Паркот на новинарите преку центарот на градот и населбата Аеродром, до Градскиот парк во Скопје.
„Почитувани скопјанки и скопјани, денес тукушто завршивме една убава иницијатива – возевме на велосипеди, на точаци, низ победничко Скопје. Симболот, мотото беше: Возиме сите напред кон ЕУ, таму каде што припаѓаме. Државата ни полни 29 години оваа година, долго време сме низ тунелот, на еден чекор сме до пристапни преговори со Европската Унија. Имаме огромна шанса и имаме намера да ја зграпчиме и да ја искористиме“, изјави Димитров.
Тој ги повика граѓаните на 15 јули да гласаат и да одлучат, како што рече, дали државата ќе оди напред. Според него, изборот е меѓу напредок и, со негови зборови – „буквално пустош и катастрофа“.
„Немојте да мислите дека некој друг ќе одлучи. Вашиот глас е важен, секој глас е важен. Излезете, гласајте дадете правец каде сакате да ни оди нашата Македонија“, изјави Димитров, изоставувајќи ја придавката „Северна“.
Како што истакна тој, иницијативата е и во насока на политичка поддршка на велосипедскиот транспорт, како во Скопје така и во другите градови, но и на меѓуградскиот велосипедски транспорт.
„Ако сакаме да бидеме здрава нација, треба да обезбедиме соодветна инфраструктура за велосипедите“, рече тој.