На прашањето дали верува дека навистина постои македонско малцинство во Грција, како што напиша неодамна BBC во статијата за „невидливото малцинство“ во северна Грција која предизвика многу реакции кај нашиот јужен сосед, министерот за надворешни Никола Димитров, во интервјуто за грчката телевизија „СКАИ“, се повика на Преспанскиот договор:
„Го живеев и го дишев Преспанскиот договор сега веќе со месеци, а понекогаш дури и го сонувам, така што јасно пред очи ми е членот 4 параграф 3 од Договорот, во кој се вели дека се согласуваме да не се мешаме во меѓусебните внатрешни работи. Статијата на BBC и прашањата што ги покренува се прашање за грчката домашна политичка дебата, можеби прашање на меѓународни обврски, но не мислам дека е корисно за нас, во смисла на тоа кон каде сакаме да одиме (отворивме нова страница и отклучивме огромен потенцијал за пријателство и соработка), да се инволвираме во таа дебата. Ова треба да е грчка дебата“, одговори Димитров.
„Вашата влада, вашата држава“, продолжи новинарот, „дали смета дека има северномакедонско малцинство во оваа земја, и дека е обврзана да го заштитува?“, на што Димитров повторно се повика на истиот член, нагласувајќи дека истиот веќе е дел од македонскиот Устав и дека двете влади/земји се договориле да не се мешаат во меѓусебните домашни работи по овие прашања. „Тоа мора да го почитуваме“, порача министерот.
Практично истото Димитров мораше да го повтори и по третпат, откако новинарот го праша дали тоа значи дека ако некоја група инсистира дека има „вакво“ малцинство во Грција, македонската влада нема да ја поддржи и да ѝ помогне.
„Ние сме многу сериозни околу овој договор и работевме многу напорно за да го постигнеме и сме посветени на тоа да продолжиме со имплементација на сè што се договоривме“, одговори Димитров, додавајќи дека на двете земји им претстои многу работа во насока на соработка, како на економско, така и на многу други полиња.
Видеото од интервјуто можете да го погледнете ТУКА.