Димитров: Очигледно постои проблем со кредибилитетот на ЕУ, јас не треба да бирам дали ќе бидам Македонец или Европеец

Годинава одбележуваме две декади – 20 години од ССА (Спогодбата за стабилизација и асоцијација со Европските заедници и нивните земји-членки) и 16 години статус на земја-кандидат, посочи вицепремиерот за европски прашања – Никола Димитров, на конференцијата на тема „Како да се врати проширувањето на ЕУ на вистинскиот пат? Приоретизирање на владеењето на правото и реформите во правосудството“, на покана на повеќе тенк-тинк организации од регионот и ЕУ, за означување на почетокот на тригодишниот проект „Западен Балкан кон ЕУ/WB2EU“.

„Чекавме бидејќи имавме спор со нашите соседи од Атина, па го решивме; па потоа имаше проблем со вербата во самиот процес на пристапување, па моравме да чекаме за новата методологија; па ги следевме зборовите на Советот од јуни 2018 – патот ќе биде трасиран во јуни 2019 година; па потоа во јуни 2019 беше кажано дека ќе се вратиме на ова прашање во октомври 2019 година – за конечно во март минатата година, на почетокот на оваа ужасна пандемија со КОВИД-19, да добиеме зелено светло, но овојпат ЕУ не може да ја исполни сопствената одлука, иако во нашиот случај таа беше безусловна. Очигледно постои проблем со кредибилитетот на Европската Унија и мислам дека ова се рефлектира не само на нашиот случај, туку врз целиот регион“, истакна Димитров.

„Киднапирање на процесот со билатерални прашања ја поткопува политиката на условеност што е основен предуслов за успех на процесот на пристапување – испорачување резултати од двете страни. Особено кога овие билатерални прашања се против темелните принципи и вредности како што е јазичната и културната различност на континентот. Значи, нашиот проблем не е територијален спор, не е прашање на затворање на нуклеарна централа, туку нашето право на самоопределување: Јас сум Македонец и јас не би требало да бирам помеѓу тоа да бидам Македонец кој зборува македонски јазик и да станам Европеец во смисла на дел од Европска Унија“, порача вицепремиерот.

Тој додаде и дека земјава сепак нема да биде фокусирана само на отстранување на пречките, туку ќе остане посветена на реформите од првиот кластер, преку планот „Агенда: Европа дома“, што, како што посочи, ги опфаќа приоритетните барања на самите граѓани.

На конференцијата учествуваа и потпретседателката на Европскиот парламент Катарина Барли и австриската министерка за европски прашања Каролина Едштадлер.

- Реклама -