Димитров: Ќе ми биде тешко да се вратам дома без датум и во октомври

„Нема да биде лесно за мене, како министер, да се вратам дома после октомври и да речам дека ќе одлучуваат идната година“, вели министерот за надворешни работи – Никола Димитров, прашан за можноста земјава и по 14 години кандидатски статус повторно да не го добие датумот за почеток на преговорите со Европската унија, очекуван во октомври, во интервјуто за Агенција Европа при неговата последна посета на Брисел минатата недела.

Според Димитров, добивањето на датумот е неопходното „политичко гориво“ за владта и земјата да продолжат да одат напред, а позитивна одлука ќе ѝ помогне на владата да покаже дека работите се „во наши раце“.

Недобивањето на датум, од друга страна, вели Димитров, ќе значи немање перспектива и ослабнување на владата и напредокот на земјата, за сметка на зајакнување на евроскептиците, популистите и националистите и националистичките сили, или како што вели Димитров, со еден збор – на сите оние кои се сомневаат во европскиот проект и таквата стратешка ориентација.

Димитров истакнува и дека Северна Македонија има „многу убедливи аргументи“ и „очигледен напредок кон вистинска европска демократија“, заедно со договорите со Бугарија и Грција, па затоа е оптимист дека одлуката на Советот на 15 октомври ќе биде позитивна:

„Мислам дека влогот е таков што има сериозни размислувања во престолнините за начинот да се зграпчи оваа прилика во момент кога нема многу прилики за успех“, вели тој.

Министерот за надворешни порача и дека европската интеграција на земјава не треба да биде разгледувана и да се одвива во пакет со Албанија, туку врз основа на индивидуална заслуга, и покрај тоа што Северна Македонија целосно ја поддржува евроинтеграцијата на својот западен сосед.

 

- Реклама -