Димитров: Ќе ми биде тешко да кажам дека постигнавме доволно за Бугарија да даде зелено светло за преговори

„Ќе ми биде многу тешко да одговорам потврдно на тоа прашање“, истакна претседавачот на бугарскиот дел од мешовитата комисија за историски прашања – Ангел Димитров, на прашањето дали кога ќе се врати во Софија и ќе го прашаат за сработеното на дводневната средба во Скопје, ќе даде оценка дека Комисијата постигнала конструктивна основа за работа доволна за Бугарија да даде зелено светло за почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ.

„Ќе го кажам тоа што се случи, а оценката ќе биде на луѓето кои очекуваат да слушнат што се случило… Уште еднаш сакам да кажам, дури и малку да се појавило сонце, тоа е добра надеж дека ќе можеме да продолжиме да напредуваме со работата. Самиот факт што ја конкретизиравме идејата дека ќе имаме уште една средба до крајот на годината и, ако дозволат здравстените предизвици, можеби со поинтензивни напори, дава надеж дека ќе го направиме она што се очекува од нас и она за кое е создадена Комисијата со Договорот за пријателство и добрососедство. Ќе кажам уште еднаш, таа Комисија е создадена за да го олесни премостувањето на оние прашања кои фактички пречат на зближувањето на двете држави“, рече Димитров.

Прашан дали смета дека политичарите треба да се вклучат во разговорите, тој оцени дека тоа уште одамна е случај:

„Видете, политичарите одамна се вклучени во овие преговори со тоа што заедно ги чествуваа и оддадоа почит на Светите браќа во Рим и на Гоце Делчев овде во Скопје и во Благоевград, макар што тогаш беше чествувано и Илинденското востание. Така што, политичарите имаат своја патека, свој пат, а историчарите имаат своја одговорност пред науката“.

Прашан дали како членови/претседавачи на Комисијата чувствуваат притисок да го решат прашањето за Гоце Делчев до декември, откако неговиот македонски колега Драги Ѓоргиев потврди дека Гоце Делчев засега е главниот камен на сопнување, Димитров одговори:

„Видете, нас никој не може да ни поставува рокови. Уште еднаш сакам да кажам: Ние со македонските колеги не водиме преговори. Преговори водат политичарите. Ние водиме научна дискусија и целта е да бидеме коректни кон историските факти и историската документација врз која се гради некакво гледиште. Современите очекувања имаат политичка особина, но ние историчарите мораме да останеме повеќе историчари, а помалку политичари во нашата работа“.

Прочитајте и:  Мицкоски: Со Макрон отворено разговаравме за одблокирање на патот на Македонија кон ЕУ

Со доза на нетрпеливост, Димитров уште еднаш го потенцираше ставот (на бугарската страна) дека работа на Комисијата не е да утврди што бил Гоце Делчев, бидејќи тој самиот тоа го кажал:

„Сум го кажал тоа многу пати, секогаш кога сте ме прашале; Идентитетот на Гоце Делчев го определува тој самиот, а не ние. Тоа не е наша работа. Тој го определил, тој е тоа што е. Тој е таков каков што е неговото семејство, каква што била средината во која бил формиран како личност, тоа е идентитетот“.

Прашан дали дали Македонија може да добие зелено светло за преговори од Бугарија и без Комисијата да постигне решение за прашањето за Гоце Делчев, бугарскиот копретседавач на комисијата ја префрли топката кај политичарите:

„Не можам да разберам зошто мислите дека нашите разговори ги одредуваат тие позиции“, рече Димитров. „Видете, политичките оценки се фокусирани врз исполнувањето на Договорот за пријателство и добрососедство. Работата на нашата комисија е само една клаузула од тој договор. Треба добро да се погледне во исполнувањето на сите други точки, зашто не сме ние тие кои даваме тон на билатералните односи, иако точно е дека се обидуваме да ги минимизираме оние акценти кои пречат Договорот ефективно да се преточи не само во реалност, туку и во еден мотиватор на едно ново однесување не само на државно-политичко ниво, туку и меѓу двата народа“.

„Ставањето на Комисијата на врвот од овој Договор меѓу Бугарија и Македонија, според мене, е контрапродуктивно за работата на истата. Во тој договор има уште многу други членови кои треба да се исполнат и кои, верувам, ќе ја релаксираат политичката ситуација меѓу двете држави“, се надоврза Ѓоргиев.

- Реклама -