Досегашниот министер за надворешни работи – Никола Димитров, се огласи на социјалните мрежи и потврди дека во новата влада ќе биде вицепремиер за европски прашања. Споерд Димитров, тоа е најсуштинскиот и најважен државен процес, а за него најголем предизвик. Димитров ветува дека од прв ден ќе вложи максимални сили за државата да ја искористи „историската шанса“ и дека ќе бидеме светол пример во Европа:
„Почитувани граѓани, во изминатиот мандат ми беше чест што како министер за надворешни работи бев дел од историскиот пробив со членството во НАТО и зеленото светло за преговори со ЕУ. Со тоа ги зацврстивме државноста, темелите и безбедноста на нашата Македонија, Северна Македонија и го отворивме патот за европските стандарди да ги донесеме дома.
Сакам јавно да им се заблагодарам на сите вработени и соработници во Министерството за надворешни работи, но и на сите вам кои ми дававте поддршка и мудрост кога ми беше најтешко.
Човек е силен и способен толку колку што му се силни и способни тимот и пријателите. А токму на патот што допрва нѐ чека сплотеноста ќе биде клучна.
За мене, како човек кој целиот професионален живот го посвети на оваа идеја, нема поголем предизвик од тоа да го водам најсуштинскиот и најважен државен процес. Ова е мојата должност, но и должноста на нашата генерација – да ги зацртаме чекорите, да ги впрегнеме најспособните и под светлото на процесот од ден на ден да се менуваме.
Му благодарам на идниот премиер Зоран Заев и на СДСМ за довербата да бидам номиниран за вицепремиер задолжен за европски прашања, а вам ви ветувам дека од првиот ден ќе дадам сѐ од себе за успешно да ја зграпчиме оваа историска шанса.
Одиме напред и ќе бидеме светол европски пример. Одиме напред, таму каде припаѓаме!“, напиша Димитров на Фејсбук.