Европската комисија го усвои предлогот на Преговарачката рамка и од денес документот е во рацете на земјите членки, информираше денеска министерот за надворешни работи Никола Димитров, со порака дека денес имаме важен исчекор што треба да го одбележиме – добра, убава вест од Брисел.
„Европската комисија, врз основа на одлуката на Советот за општи работи од 25 март годинава, потврдена од страна на Европскиот совет ден подоцна 26 март, го усвои предлогот на Преговарачката рамка и од денес предлог Преговарачката рамка е во рацете на земјите членки. Преговарачката рамка од страна на ЕК е конципирана врз основа на новата методологија за пристапниот процес. Основна цел на овие измени е пристапниот процес да биде поизвесен, поконкретен, поверодостоен, подинамичен, со засилено политичко управување, влијание од страна на земјите членки, засновано на објективни критериуми и строга и позитивна и негативна условеност, како и реверзибилност“, рече Димитров.
Тој истакна дека суштината на предложената Преговарачка рамка, за којашто, според последните информации веќе следната недела во Брисел ќе се разговара од страна на земјите членки на експертско работно ниво, е европските стандарди да си ги донесеме дома. Пред сѐ демократските принципи и вредности поврзани со владеењето на правото, како и економските реформи, рече шефот на дипломатијата.
Тој додаде дека има убава симболика што ЕК ја заврши својата задача врз основа на одлуката од март, токму на 1 јули, денот кога претседавањето со Советот на ЕУ го презема Берлин:
„Јас сум убеден дека како што беше за нас историско Хрватското претседателство, така ќе биде и Германското претседателство и заедно со германската поддршка во следниве месеци ќе ја отвориме првата Меѓувладина конференција.
Во тој момент, започнува конкретното одвивање на пристапниот процес преку завршување на скрининг процесот и отворање на првиот кластер наречен – Основни вредности кој ги третира клучните реформски области од Поглавјето 23 – Правосудство и фундаментални права, Поглавјето 24 – Правда, слобода и безбедност, Економските критериуми, Функционирањето на демократските институции, Реформата на јавната администрација, Поглавјето 5 – Јавни набавки, Поглавјето 18 – Статистика и Поглавјето 32 – Финансиска контрола“, објасни Димитров.
За крај, додаде дека работата со Преговарачката рамка не е завршена, меѓутоа се работи за важен исчекор со тоа што предлогот е доставен на усвојување, односно прво на дебата, па потоа на усвојување на земјите членки. „Да ни е со среќа!“, порача министерот за надворешни работи.