„Патриотизмот не е краток неконтролиран изблив на емоции, туку смирена и постојана посветеност во текот на целиот живот“, пишува на Фејсбук министерот за надворешни работи – Никола Димитров, цитирајќи го Адлај Е. Стивенсон, поранешен американски гувернер.
Димитров порача дека секоја генерација си има своја историска планина, и дека додека во 1903 година таа за Илинденците било востанието за правда и слобода, а во 1944 година за Асномците било обезбедувањето на државност, денешната генерација ги има неколку, од кои веројатно главна е борбата против криминалот.
„Планината на нашата генерација е да си ја заштитиме татковината зачленувајќи се во НАТО, да ја обезбедиме иднината преку европскиот воз и да го зацврстиме идентитетот решавајќи ги споровите со соседите и меѓусебно прифаќајќи се. Каузата на нашата генерација можеби најмногу е да загриземе здраво и одлучно во борбата против раскомотените мрежи на криминалот и корупцијата. Тоа им го должиме и на Илинденците, и на Асномците, и на идните генерации.
Да ни е честит Илинден!“, порача Димитров, притоа споделувајќи го Крушевскиот манифест.