Димитров: Ако утре отпатувате од земјава, не ви гарантираме кога ќе се вратите

Македонија од вечерва ги затвора сите гранични премини, како и меѓународниот аеродром во Скопје. Влезот ќе биде забранет за сите странски државјани, патници и возила, информираа министерот за здравство Венко Филипче и министерот Никола Димитров на вечерашната заедничка прес-конференција на која ги соопштија одлуките на вечерашната владина седница.

Според одлуката, границите ќе можат да ги поминат само товарни возила поради транзит, како и претставниците на димпломатскиот кор во државава и други лица за кои Главниот координативен кризен штаб ќе потврди дека постои посебен државен или економски интерес.

Граничниот премин на аеродромот во Скопје, откако ќе истечат 48-те часа предвидени по носење на одлуката, ќе биде отворен само за државни, вoeни, карго и медицински хуманитарни и празни летови.

Министерот за надворешни Димитров, притоа, испрати сериозен апел до граѓаните да не патуваат.

„Тој што утре ќе отпатува, неизвесно е кога ќе може да се врати“, рече Димитров, потенцирајќи дека државите донесуваат самостојни и непредвидливи одлуки и ги затвораат границите и аеродромите.

„Немаме контрола врз границите на трети држави. Време е да седиме дома, да бидеме храбри и смирени“, порача тој, додавајќи дека МНР ќе направи сѐ што може за да можат сите македонски државјани да се вратат во земјава, при што приоритет ќе имаат оние кои немаат регулиран статус и се затечени во странска земја, на граница или на аеродром. Такви примери, посочи Димитров, има во моментов со брачен пар во Њујорк, како и македонски државјани во Загреб и Виена.

Тој посочи и дека вечерва на унгарско-српската граница во слична ситуација се нашле 200 македонски граѓани. Сепак, со помош на Романија и Бугарија, за нив е најдена алтернативна рута и тие утре изутрина се очекува д пристигнат на „Деве Баир“.

Од друга страна, Димитров ги повика оние со регулиран престој во трета држава да се воздржат од враќање во земјава и да ги следат препораките на тамошните власти.

 

 

- Реклама -