Димитров: Ако ЕУ дозволи македонскиот јазик да биде пречка, тогаш не заслужува да се нарекува „европска“

Доколку ЕУ дозволи македонскиот јазик да биде пречка за интеграција на земјава, тогаш не го заслужува епитетот „европска“ и ја доведува во прашање довербата на граѓаните во таквата унија, порача вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров денеска од Прилеп, каде ја предводеше владината делегација по повод 11 Октомври. Својата изјава, Димитров ја сподели и на Фејсбук:

„Мислам дека е неевропски предизвикот на македонскиот јазик да стане пречка на нашата европска иднина и интеграција. Ако Европската унија дозволи на некој начин ова да биде пречка, тогаш нема да ја заслужи придавката во своето име ‘европска’ и не знам дали ќе можеме да веруваме во таква Европска унија.

Прочитајте и:  Македонија и ЕУ потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана

Мора мудрост и почит, нема пријателство без взаемна почит. Сите што сакаат на македонскиот народ да му бидат блиски и пријатели, мора да нѐ прифатат кои сме и каков јазик зборуваме. Ние зборуваме македонски јазик.

Без елементарна почит не може да се развива блискост или пријателство. Никој друг на светот, ниту една друга држава, ниту соседна или подалечна, па ниту меѓународна организација, нема право да се меша во нашето право на самоопредлување, денес“, рече Димитров.

- Реклама -