Димитриевски: ЗНАМ е значителен, подеднаков партнер во власта, од ВРЕДИ грешат ако сметаат дека со овие гестови ќе иницираат дестабилизација на Владата

Време е Македонија да се сврти во друга насока и да работи во интерес на граѓаните. Мислам дека колегите од ВРЕДИ многу грешат ако сметаат дека со овие гестови ќе иницираат дестабилизација на Владата или излегување на ЗНАМ од Владата – грешат, е пораката што ја упати претседателот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, во однос на повторното истакнување на албанското знаме со иста големина како и македонското, на координативен состанок одржан во Владата на РСМ.

– Ние сме значителен, ние сме подеднаков партнер во власта. Ние за оваа власт имаме разговарано со ВМРО – ДПМНЕ, ги имаме прво изедначено нашите прво идеолошки разлики, а дополнително и дадовме и поддршка на владината програма. Во континуитет со учество на нашите министри во власта истата ја реализираме, беше дециден лидерот на ЗНАМ, во вестите плус на Канал 5 во однос на прашањето дали ЗНАМ се чувствува како не битен фактор во Владата?

Според мене, нагласи Димитриевски, се работи за постизборен маркетинг, што се обидуваат да го продадат на својот електорат и да се прават поголем католик од Папата. Нагласи дека постојат закони и надлежни институции, кои треба да постапуваат кога законите се кршат.

– Во овој случај истакнување на знамето на етничките заедници воопшто не ми пречи, но точно е пропишано како се истакнува и каде. Во овој момент тоа се прави во Владата и мислам дека следниот потег ќе биде да се разговара на седница на Владата за ова прашање. Ако продолжи самоиницијативата од нивна страна, ако сте самовластие, тогаш не ви е место во Владата, бидејќи вие како власт треба да покажете на граѓаните како се почитуваат законите, истакна лидерот на ЗНАМ.

На прашањето колку е стабилна коалицијата и колку е долгорочно одржлива, Димитриевски посочувајќи дека не се работи за преписки со ВРЕДИ, туку за ставови, истакна дека ако вака продолжи владиниот партнер, како што рече, мислам дека ќе направи круцијална грешка, а тоа е губење на поддршката од граѓаните на следните локални избори. Им порача дека ВРЕДИ треба да се насочи на економија, на реформски процеси, на функционалност на државата, на нешто сосема спротивно од тоа што го правеа, подвлече, нивните претходници,а доаѓаат од редовите на ДУИ.

Прочитајте и:  Влен: Претставници на ДУИ, СДСМ и Пендаровски во март се сретнале во Вила Водно за враќање на Груевски

За Албанската академија за науки и уметности, Димитриевски, истакна дека тоа не е дел од владината програма, а за ЗНАМ тоа не е прифатливо затоа што Македонија има една институција и тоа е МАНУ. Согласно закон, МАНУ ја има целосната надлежност во делот на следење, развојот на науката и сите останати атрибути што доаѓаат со тоа. Што се однесува до директно државно финансирање на една ваква институција, потенцираше тој, е апсолутно не дозволиво.

– За мене и за целото раководстово на ЗНАМ апсолутно оваа иницијатива е не прифатлива и ние никогаш нема да поддржиме иницијатива за формирање на паралелна Академија на науки и уметности, затоа што го имаме МАНУ, а таму имаме заеднички содржател за сите. Науката не познава ниту верска, ниту етничка припадност, познава само труд, квалитет, работа, посветеност и многу тешко се влегува таму, рече претседателот на ЗНАМ.

Димитриевски се осврна на Институтот за албанска култура и јазик, што се плаќа од државен буџет, и како што рече, има доволно простор не само албанската, туку и останатите етнички заедници што ги имаме во Македонија, да си ги негуваат своите  традиционални и културни вредности, па и да анализираат од аспект на науката.

За Балансерот, Димитриевски се осврна на ставот на министерот за јавна администрација Горан Минчев дека се пресметува според процентот на резидентното население – наслението што живее во Македонија.

Димитриевски лично е против Балансерот и процентите и смета дека треба да се даде предност на квалитетот во однос на квантитетот, особено на квантитетот што е исполитизиран и доаѓа од политичките субјекти.

Лидерот на ЗНАМ Димитриевски во врска со уставните измени уште еднаш повтори дека за суштинско национално прашање што ги „тангира“ директно македонците во делот на она што значи национален интерес, континуитет, историја, јазик, култура, првенствено, потенцира тој, треба да одлучува мнозинството на граѓани во Македонија кои припаѓаат на македонскиот народ, бидјеќи тоа е наша суштинска одлука. Дополнително, тој побара од, како што рече, нашите сограѓани Албанци, бара разбирање по ова прашање.

- Реклама -