„Die Presse“: Европроширувањето е во ќорсокак, можна алтернатива е Западнобалканска унија

Политиката на проширување е во ќорсокак, пишува виенскиот дневник Die Presse, наведувајќи дека алтернативата би можела да биде формирање на Балканска унија (или унии) по примерот на ЕУ. Ако во тоа успеат, земјите од регионот би можеле заедно да се приклучат во ЕУ. Станува збор за предлог за редефинирање на односот меѓу ЕУ и Западниот Балкан, наведува весникот.

Европската унија, пишува Die Presse, се преправа дека има намера да ги прими земјите од Западен Балкан, а тие се преправаат како да сакаат да пристапат – нешто како во онаа анегдотата за Советскиот сојуз: „Ние се преправаме дека работиме, тие се преправаат дека ни плаќаат“.

Меѓутоа, ситуацијата во ниту една од земјите не е за шега, бидејќи се присутни проблеми како невработеност, одлив на населението, употреба на историјата како политички инструмент и сл., пишува весникот, укажувајќи дека иако балканските земји создаваат привид дека еден ден ќе се приклучат во ЕУ, тоа не ги спречува состојбата во регионот да ја доведат до најопасната точка од светските војни наваму.

Оттаму, политиката на проширување на ЕУ доживува неуспех, оценува Die Presse, а сега во Унијата се пружа прилика за драстична одлука – ЕУ би можела, по изборите за Европскиот парламент, со ново раководство, да ја повлече рачната, бидејќи мнозинството граѓани не се заинтересирани за прием на многу сиромашни и институционално преоптоварени членки, поради што може во целост да се откаже од намерите земјите од регионот да ги подготви за прием.

Таквата политика, подвлекува Die Presse, би била историска грешка. Во таков случај, предупредувањата дека Кина, Русија и Турција меѓусебно би го поделиле регионот, би добиле брза потврда. А за политичка стабилност ниту Кремљ, ниту Комунистичката партија на Кина, ниту турските автократи, не се заинтересирани, констатира весникот, па крајот на тензиите меѓу балканските народи би станал незамислив.

Прочитајте и:  Мерц ја повикува Европа да му покаже заби на Трамп

Но ЕУ не може да се однесува според моделот „далеку од очи – далеку од срце“, бидејќи се работи за проблем на самата граница на Унијата.

„Поради тоа би бил потребен предлог за нов однос меѓу ЕУ и Западниот Балкан. И тоа со понуда: Вие изградете, во рок од 10 години, Западнобалканска унија по идентичен пример на ЕУ – со укинување на границите, заеднички пазар со четири основни слободи, заедничка енергетска политика, заедничка политика во телекомуникациите, соообраќајот, сè тоа заедно со граѓанските права (со нивно реално применување, како во ЕУ, што секоја од земјите кандидати вели дека сака да го направи). Ние, ЕУ, ќе ве поддржуваме со петкратно повеќе пари отколку досега во пристапниот процес. Тоа би значело околу 60 милијарди евра. Толку пари Унијата, патем, дава на поттикнување на своето земјоделство. И кога сето тоа ќе го направите успешно, ќе ве примиме сите вас заедно, наместо по актуелниот фингиран регата систем, кој крие опacноcт Србија, на пример, по пристапувањето, да го блокира приемот на Албанија, или слично“, пишува весникот.

Сепак, истакнува Die Presse, таа Западнобалканска или слични унии, би немале никаква врска со некакво ре-воспставување на трајно пропаднатата Југославија. Напротив, се работи за тоа на храброто цивилно општество да му се даде овластување да ги натера своите политичари на солидарност за конечно Западниот Балкан да го направат европски, заклучува весникот.

 

 

- Реклама -